Кога Омри Каспи во 2009 година беше избран како 23. пик на НБА-драфтот, влезе во историјата како првиот израелски кошаркар што заиграл во најсилната кошаркарска лига во светот. Десет години подоцна, откако професионалната кариера му заврши, неговата амбиција не исчезна, туку само доби поинаков облик. Наместо на теренот, Каспи денес се натпреварува во светот на ризичниот капитал, каде што неговиот инвестициски фонд Swish Ventures управува со средства од околу 800 милиони долари. Еден од моментите што најдобро го опишува неговиот нов пат се случил на 27 јануари 2024 година во Сан Франциско. Каспи во ложата на арената Chase Center ги угостил Скот Ву и Стивен Хао, коосновачи на Cognition AI, додека неговите поранешни соиграчи од Голден Стејт Вориорс играле натпревар. Иако Стивен Кари таа вечер постигнал 46 поени во натпреварот кој завршил по две продолженија, вниманието на Каспи било насочено кон презентацијата на стартапот и неговиот софтверски агент за програмирање. Ву му објаснувал како технологијата може значително да го забрза пишувањето код и да им помогне на инженерските тимови на компаниите. Каспи бил доволно заинтересиран за идејата, но уште поважно му било кој стои зад неа. Следното утро, по разговор и прошетка низ Пало Алто, решил да учествува во почетната инвестициска рунда на Cognition, во момент кога компанијата била проценета на само 150 милиони долари. Оттогаш вредноста на Cognition драматично пораснала. Стартапот денес се смета за еден од најбрзорастечките во областа на вештачката интелигенција, а според достапните информации се подготвува нова инвестициска рунда од околу една милијарда долари, која би можела да ја процени компанијата на дури 47 милијарди долари. Cognition, сепак, е само еден од примерите за успех во портфолиото на Swish Ventures. Фондот во моментов има инвестиции во 20 компании, од кои осум имаат проценета вредност од најмалку една милијарда долари. За фонд кој главно вложува во компании во рана фаза, ваквиот број на успешни инвестиции претставува исклучително силен резултат. Каспи неодамна направи уште еден голем чекор. Swish Ventures, фондот со седиште во Тел Авив кој го основал во 2024 година по интегрирањето на неговиот претходен фонд Sheva, собра 250 милиони долари за својот трет и најголем фонд досега. Меѓу инвеститорите се наоѓа и Sequoia Capital, како и повеќе големи американски пензиски фондови и фондации. Со новиот капитал, вкупната вредност на средствата со кои управува Swish Ventures достигнува околу 800 милиони долари. Фондот главно се концентрира на компании што развиваат инфраструктура за вештачка интелигенција и решенија за сајбер-безбедност, области во кои Каспи гледа огромен простор за раст во следните години. Иако Каспи е познат по својата кошаркарска кариера, неговите соработници велат дека пристапот што го има кон инвестициите во голема мера потсетува на неговиот однос кон спортот. Тој не бара само добра деловна идеја, туку луѓе за кои верува дека се издвојуваат од конкуренцијата и имаат силен натпреварувачки карактер. Токму така го опишува и односот со Скот Ву. Според Каспи, Ву е човек кој може да изгради речиси сè што ќе замисли, а неговата желба била едноставно да работи со него. За инвеститорот, најинтересни се основачите кои имаат исклучителна предност во својата област и не се подготвени да се задоволат со просечни резултати. Слично мислење за Каспи има и Шон Мегваер, партнер во Sequoia Capital, кој го запознал во 2023 година. Според него, многу луѓе кои биле исклучително успешни во една професија подоцна гледаат на инвестирањето како на активност за периодот по пензионирањето. Каспи, вели тој, бил еден од ретките што инвестирањето го сфатил со истата сериозност со која претходно ја градел својата спортска кариера. Неговиот натпреварувачки дух се развил уште во младоста. Каспи пораснал во Јавне, околу 30 километри јужно од Тел Авив, а за Макаби Тел Авив дебитирал кога имал само 17 години, во 2005 година. Четири години подоцна го направил историскиот чекор кон НБА, кога Сакраменто Кингс го избраа како 23. пик на драфтот. Во текот на десет сезони во НБА, Каспи настапувал за седум различни тимови и во просек постигнувал 7,9 поени по натпревар. Сепак, особено влијание врз неговата иднина имала сезоната 2017/18, која ја поминал во Голден Стејт Вориорс. Во соблекувалната на шампионскиот тим бил опкружен со играчи како Стивен Кари, Кевин Дурент и Андре Игуодала, кои разговарале за своите инвестиции и стартапи. Во исто време, во арената редовно се појавувале претприемачи и инвеститори од Силиконската долина, што на Каспи му овозможило одблизу да го запознае светот на технологијата и ризичниот капитал. Тој во тоа видел нешто што многу го потсетувало на спортот. И кај спортистите и кај претприемачите постои огромен притисок, конкуренција, несогласувања и потреба различни луѓе да функционираат како тим ако сакаат да победат. Токму затоа Каспи инвестирањето го доживува како природно продолжение на својата професионална кариера, а не како целосно нов свет. Од својата НБА кариера Каспи заработил околу 18 милиони долари од плати. Последната сезона во НБА ја одиграл во 2019 година за Мемфис Гризлис, по што се вратил во Израел и таму продолжил да игра уште две години. Меѓутоа, неговите контакти од времето поминато во НБА му овозможиле пристап до многу поголем инвестициски екосистем. Во 2022 година успеал да собере 36 милиони долари за својот прв фонд, наречен Sheva, што му го отвори патот кон професионалниот свет на ризичниот капитал. Една од првите инвестиции била Upwind Security, компанија основана од Амирaм Шахар. Каспи го запознал Шахар неколку години порано, на неформално дружење со израелски претприемачи по натпревар на Вориорс. Шахар во тоа време го водел стартапот Spot, кој во 2020 година бил продаден на NetApp за 450 милиони долари. Upwind развива платформа за безбедност која користи вештачка интелигенција за откривање и спречување сајбер-напади во реално време. Компанијата во 2022 година била проценета на 65 милиони долари, а во јануари достигнала вредност од 1,5 милијарди долари, со што станала таканаречен еднорог. Според достапните информации, во моментов се очекува нова инвестиција од околу 300 милиони долари, која би можела да ја зголеми нејзината проценета вредност на 3,8 милијарди долари. Во портфолиото на Swish има и други компании со вредност над една милијарда долари. Меѓу нив е Eon, компанија која развива решенија за резервна копија на податоци во облак и која во декември била проценета на околу четири милијарди долари. Тука е и Applied Compute, основана од поранешни вработени во OpenAI, чија проценета вредност во април достигнала 1,3 милијарди долари. Во 2024 година Каспи го ангажирал Ори Штрајхман како партнер и заедно го основале Swish Ventures. Првиот фонд на новата компанија бил тежок 63 милиони долари, а една од првите инвестиции повторно била Cognition на Скот Ву. Штрајхман, кој има 27 години, го привлекол вниманието на Каспи поради сопственото натпреварувачко искуство. Тој бил меѓународно рангиран шахист и член на израелската јуниорска репрезентација, а потоа пет години служел во елитна разузнавачка единица на израелските одбранбени сили. Растот продолжил и со вториот фонд, вреден 100 милиони долари, собран кон крајот на минатата година. Со новиот фонд од 250 милиони долари, Swish планира да инвестира во околу 12 компании во почетните seed и Series A фази, при што просечната инвестиција би изнесувала околу 20 милиони долари по компанија. И покрај тоа што сумите се значително поголеми, Каспи не планира да го промени основниот пристап. Наместо да трча по компании само поради нивниот потенцијален пазар или моменталната популарност, тој и неговиот тим сакаат да најдат основачи кои имаат силен натпреварувачки инстинкт и веруваат дека можат да изградат нешто што другите не можат лесно да го копираат. Околу половина од компаниите во портфолиото на Swish се поврзани со Израел, односно таму имаат седиште или значаен дел од своето работење. Каспи верува дека токму стартап-сцената во Тел Авив во следната деценија може да создаде компанија со вредност од 100 милијарди долари. Неговата работа денес бара и постојано патување. Речиси секој месец оди во САД, каде што обично поминува околу една недела во Њујорк и Силиконската долина, состанувајќи се со основачи на компании, инвеститори и потенцијални партнери. И токму тука неговото НБА минато повторно се покажува како голема предност. Каспи користи дел од своите контакти од кошаркарскиот свет за да им помогне на стартапите од своето портфолио да дојдат до потенцијални клиенти, инвеститори и таленти. Тој често резервира ложа на натпреварите на Голден Стејт или организира вечери на кои ги поврзува основачите на стартапи со директори за информатичка технологија во големи компании. Според Скот Ву, Каспи дури помага и при регрутирањето нови вработени во Cognition, особено кога станува збор за кандидати кои се љубители на кошарката. За Каспи, целата приказна има едноставна логика. Како кошаркар имал можност да игра покрај идни членови на Куќата на славните и одблизу да види како изгледа врвниот успех. Денес, наместо кошаркари, тој бара претприемачки таленти кои покажуваат слични карактеристики. Во неговиот инвестициски модел основачите се ѕвездите, а фондот е тука да им помогне да стигнат до победата. Тоа е можеби најголемата лекција што Каспи ја пренел од НБА во светот на ризичниот капитал: талентот е важен, но вистинската вредност се создава кога тимот знае како да го препознае, поддржи и искористи во вистинскиот момент. Post navigation Колку државата троши за кралскиот живот? Еве што стои зад данската монархија Оваа гитара го придружуваше Џорџ Мајкл во „Faith“, сега колекционерите ќе се борат за неа