Кока-Кола повеќе од еден век е еден од најпрепознатливите пијалоци во светот, но нејзината доминација никогаш не била целосна. Во различни делови од планетата се појавиле локални газирани пијалаци создадени како алтернатива на американскиот бренд, а некои од нив со текот на времето станале толку популарни што и денес имаат милиони свои потрошувачи. Меѓу нив има производи создадени во времето на Студената војна, пијалаци инспирирани од локални билки и зачини, но и модерни брендови кои се обидуваат да ја привлечат генерацијата што бара помалку шеќер и поинаков состав. Еден од најинтересните примери е чешката Кофола. Нејзината приказна започнува во поранешна Чехословачка, во периодот на Студената војна, кога научниците добиле задача да создадат домашен газиран пијалак кој би можел да биде алтернатива на западните производи. Така настанал сирупот Кофо, направен од комбинација на овошни и билни екстракти. Кофола и денес се разликува од Кока-Кола по вкусот и составот. Содржи помалку шеќер, нема фосфорна киселина, а во нејзиниот вкус се чувствуваат различни овошни и билни ноти. Во составот има состојки како цимет, сладунец, јаболко, цреша и кора од портокал. Слична приказна има и словенечката Кокта, создадена во 1952 година во тогашна Југославија. Рецептот го осмислил професорот по хемија Емерик Зелинка од Универзитетот во Љубљана, а пијалакот брзо станал еден од најпознатите домашни производи. Карактеристичниот вкус на Кокта доаѓа од комбинација на билки и зачини, меѓу кои се шипката, лимонот и портокалот. За разлика од класичните кола-пијалаци, Кокта не содржи кофеин. По распадот на Југославија брендот минал низ тежок период, но подоцна успеал да се врати на пазарот и да се прошири и надвор од регионот. Обидите да се создаде локална алтернатива на Кока-Кола не се ограничени само на Европа. Во Нигерија, на почетокот на 2026 година, беше претставена Ojaja Cola, бренд зад кој стои традиционалниот крал на Ифе, Оони Адeјeјe Енитан Огунвуси. Пијалакот се потпира на домашни состојки, меѓу кои се оревот кола и ѓумбирот, а идејата е да претставува симбол на локалното производство и националната гордост. Во Јапонија, пак, постои Toba Toba Cola, необичен производ од островот Кикаиџима. Се прави со ореви кола, локален цитрус, суров кафеав шеќер и мешавина од зачини. Се продава како сируп кој може да се меша со различни пијалаци, што му дава поинаков карактер од класичните газирани коли. Во Аргентина, Cunnington Cola се издвојува со помалку сладок и помалку газиран вкус. Денес е особено популарна во комбинација со Фернет, од која се прави познатиот аргентински пијалак Фернанхито. Во Канада, Brio Chinotto ја продолжува традицијата на италијанскиот чиното. Производот го создале италијански доселеници во Торонто во 1959 година, користејќи екстракт од истоимениот цитрус. Резултатот е темен, горчливо-сладок газиран пијалак со специфичен вкус кој се разликува од класичната кола. На другиот крај од светот, австралискиот стартап Bobby Cola се обидува да ја приспособи колата на современите трендови во исхраната. Пијалакот има помалку шеќер и калории, содржи пребиотици и не користи кофеин, конзерванси или вештачки ароми. Компанијата, основана во 2021 година, во меѓувреме се проширила во илјадници продавници во Австралија и Нов Зеланд. Еден од поновите примери е Salaam Cola, бренд основан во Велика Британија во 2023 година. Зад него стои претприемачката Ајкиз Шах, која првите шишиња ги произведувала во сопствената кујна. Денес пијалакот се продава во повеќе земји, а компанијата дел од профитот го насочува кон хуманитарни проекти. Сите овие пијалаци покажуваат дека, иако Кока-Кола останува глобален гигант, вкусот на колата не мора да биде ист насекаде. Од социјалистичките лаборатории во поранешна Чехословачка и Југославија, преку локалните состојки во Африка и Јапонија, до современите пијалаци со помалку шеќер, производителите низ децениите нашле различни начини да создадат своја верзија на едно од најпознатите газирани пијалаци во светот. Post navigation Тинејџерите добиваат свој ChatGPT – со правила што ќе го променат начинот на користење Дали е ова нормално? Технолошките гиганти купуваат ретки книги, а потоа ги уништуваат