Американскиот производител Harley-Davidson го претстави новиот модел Deadwood за 2026 година, мотоцикл со кој компанијата сака да им се приближи на возачите што бараат класичен cruiser со препознатлив дизајн, помала тежина и поедноставна конструкција, без да се изгуби автентичниот карактер по кој брендот е познат.

Официјалната премиера на Deadwood ќе се одржи на 86. издание на легендарниот мото-собир Sturgis Motorcycle Rally, кој од 7 до 16 август ќе се одржи во регионот Блек Хилс во американската сојузна држава Јужна Дакота.

Новиот модел е развиен врз основа на Heritage Classic, но доаѓа со поедноставен концепт. Отстранети се страничните куфери, седиштето за совозачот и дел од touring-елементите, со што мотоциклот добива поагресивен изглед и помала маса. Deadwood тежи околу 311 килограми, што е приближно 15 килограми помалку од Heritage Classic, додека седиштето е поставено на само 65 сантиметри од подлогата, овозможувајќи полесно управување и поголема сигурност при застанување.

И покрај неговата тежина, првите тестирања покажуваат дека мотоциклот остава впечаток на значително полесно и поподвижно возило. Добро се снаоѓа и во градски услови и на отворен пат, а управувањето останува стабилно и при маневрирање со помали брзини.

Дизајнот останува верен на традицијата на Harley-Davidson. Нискиот заден амортизер, затемнетото ветробранско стакло, соло седиштето, широките 16-инчни гуми и црните тркала со жичени бандажи му даваат препознатлив изглед инспириран од американските custom мотоцикли од средината на минатиот век.

Под резервоарот се наоѓа добро познатиот Milwaukee-Eight 117 Classic V-twin мотор со зафатнина од 1.923 кубни сантиметри. Агрегатот развива 98 коњски сили и максимален вртежен момент од 163 њутн-метри, кој е достапен веќе при ниски вртежи, што овозможува силно забрзување без потреба од чести промени на степените на пренос.

Силата се пренесува преку шестстепен менувач, а просечната потрошувачка изнесува околу пет литри на 100 километри. Со резервоар кој собира речиси 19 литри гориво, Deadwood нуди солидна автономија за подолги патувања. Почетната цена на американскиот пазар е 17.999 долари.

Новиот модел е опремен и со современи електронски системи. Возачите можат да избираат меѓу трите режими на возење – Road, Sport и Rain, додека стандардната опрема вклучува темпомат, систем за следење на притисокот во гумите, ABS кој функционира и при навалување во свиоци, како и контрола на пролизгувањето што автоматски се приспособува на условите на патот.

За разлика од поголемите touring модели на Harley-Davidson, Deadwood не добива голем TFT-екран. Наместо тоа, пред возачот се наоѓа класичен аналоген брзинометар со мал дигитален дисплеј, што дополнително го нагласува ретро-карактерот на мотоциклот.

Во текот на тестирањата беа забележани и неколку недостатоци. Пониската задна суспензија придонесува за впечатлив изглед, но истовремено ја прави возењето потврдо на нерамни патишта. Дополнително, пронаоѓањето на неутралната брзина не секогаш е едноставно, а положбата на платформите за нозете може да не им одговара на возачи со понизок раст.

И покрај овие забелешки, Deadwood остава силен позитивен впечаток. Со комбинација од препознатлив изглед, моќен мотор, богат вртежен момент и современа технологија, новиот модел претставува уште еден обид на Harley-Davidson да ја прошири својата понуда и да привлече возачи кои сакаат класичен cruiser со модерни перформанси и препознатлив американски стил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *