Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си се соочува со сериозен финансиски предизвик, бидејќи традиционалниот модел на финансирање преку телевизиска лиценца сè потешко го следи начинот на кој публиката денес консумира медиумски содржини. Забрзаното преминување кон стриминг-платформи како Netflix, YouTube, Disney+ и други дигитални сервиси доведе до значително намалување на бројот на домаќинства кои плаќаат телевизиска лиценца, што го отвори прашањето за иднината на финансирањето на јавниот сервис. Според најновиот годишен извештај на Би-Би-Си, на крајот од финансиската 2025/2026 година во Велика Британија биле регистрирани 23,3 милиони активни телевизиски лиценци. Тоа претставува намалување од околу 540.000 лиценци во споредба со претходната година и најниско ниво во последните повеќе од две децении. Ако се споредат податоците со почетокот на деценијата, бројот на активни лиценци е намален за повеќе од 2,5 милиони, што јасно укажува на долгорочна промена во медиумските навики на британските граѓани. Во исто време расте бројот на домаќинства кои официјално пријавуваат дека немаат потреба од телевизиска лиценца, бидејќи не гледаат телевизиска програма во живо ниту ги користат услугите на BBC iPlayer. Наместо тоа, сè поголем дел од публиката се определува за содржини на барање преку стриминг-платформи, што според важечките правила не бара плаќање на лиценца. Од раководството на Би-Би-Си оценуваат дека ова не е привремена појава, туку трајна промена која ќе продолжи и во наредните години. Финансиската директорка Беранжер Мишел посочи дека сè повеќе граѓани едноставно престануваат да користат услуги за кои е задолжителна телевизиска лиценца, поради што сегашниот модел станува сè потешко одржлив. Иако годишниот надоместок за лиценца беше зголемен на 180 фунти, што овозможи приходите да достигнат околу 3,88 милијарди фунти и благо да се зголемат во однос на претходната година, во корпорацијата предупредуваат дека овие средства нема да бидат доволни за долгорочно финансирање на јавниот сервис. Дополнителен притисок создаваат инфлацијата, растечките трошоци за продукција и послабите комерцијални приходи. Како одговор на финансиските предизвици, Би-Би-Си веќе започна програма за намалување на трошоците, која ги опфаќа информативните, регионалните и продукциските оддели. Планот предвидува до финансиската 2028/2029 година да се обезбедат околу 500 милиони фунти заштеди, од кои значителен дел треба да произлезе од веќе најавените мерки за рационализација. Покрај финансиските проблеми, јавниот сервис се соочува и со пад на довербата кај дел од публиката. Во годишниот извештај се наведува дека неколку уреднички пропусти и контроверзии во изминатиот период негативно влијаеле врз перцепцијата за непристрасноста на Би-Би-Си. Меѓу нив се издвојуваат случаите поврзани со емисијата „Панорама“, документарецот „Газа: Како да се преживее воена зона“ и проблемите при директниот пренос од фестивалот „Гластонбери“. Внатрешните анализи покажале дека во одредени случаи биле прекршени уредничките стандарди, особено во делот на точноста и целосното информирање на јавноста. Како последица на тоа, процентот на граѓани кои сметаат дека Би-Би-Си известува непристрасно бележи пад, а благо е намален и бројот на лица кои редовно ги следат неговите информативни содржини. И покрај овие предизвици, услугите на Би-Би-Си и натаму ги користи огромен дел од британската јавност. Според извештајот, околу 94 проценти од возрасните граѓани месечно користат барем една од неговите услуги, додека телевизиска лиценца плаќаат помалку од 80 проценти од домаќинствата. Токму овој јаз, според раководството, покажува дека постојниот систем повеќе не ги следи современите навики на публиката. Поради тоа, во рамките на подготовките за новата Повелба на Би-Би-Си се разгледуваат различни модели за идно финансирање. Една од опциите е обврската за плаќање да се прошири и на домаќинствата што користат стриминг-платформи како Netflix, Amazon Prime Video и Disney+, со образложение дека јавниот сервис треба да остане достапен за сите граѓани, без оглед на начинот на кој консумираат медиумски содржини. Предлогот веќе предизвикува поделени реакции. Поддржувачите сметаат дека е неопходно финансирањето да се приспособи на дигиталната ера, додека критичарите предупредуваат дека граѓаните не треба да бидат обврзани да плаќаат за јавен сервис доколку не ги користат неговите програми. Дополнително, тие укажуваат дека падот на довербата и честите контроверзии дополнително ја отвораат дебатата за иднината на постојниот модел. Британскиот јавен сервис сега се наоѓа пред една од најголемите реформи во својата понова историја. Намалениот број на телевизиски лиценци не претставува само финансиски проблем, туку и јасен показател дека медиумскиот пејзаж драматично се менува. Пред Би-Би-Си стои задачата да пронајде нов, одржлив начин на финансирање кој ќе одговара на навиките на современата публика, а истовремено ќе ја зачува неговата улога како национален јавен сервис. Post navigation Бафет го откри планот: Целиот удел во „Беркшир Хатавеј“ оди во добротворни цели