Иако на прв поглед изгледа дека вработените постојано работат, сè повеќе истражувања укажуваат дека дел од активностите во текот на работниот ден имаат единствена цел – да создадат впечаток на постојана зафатеност. Наместо реално зголемување на продуктивноста, во многу компании сè почесто се појавува феноменот познат како „лажна продуктивност“, односно симулирање работна активност за да се остави впечаток на ангажираност. Според истражување спроведено од Software Finder меѓу неколку илјади лица со полно работно време, 66 проценти од испитаниците признале дека користат различни методи за да изгледаат попродуктивни отколку што навистина се. Анализата покажува дека во просек секој од нив поминува околу пет часа неделно во активности кои немаат директен придонес кон работните резултати, што на годишно ниво претставува повеќе од еден месец изгубено работно време. Најчестите начини на симулирање работа вклучуваат движење на глувчето за компјутерот да остане активен, оставање отворени документи или деловни апликации без реална потреба, намерно одложување на одговорите на електронската пошта и испраќање пораки преку деловни платформи само за да се создаде впечаток дека работните задачи се во тек. Интересно е што повеќе од половина од анкетираните изјавиле дека со ваквото однесување започнуваат дури откако ќе ги завршат сите свои обврски. Наместо да го завршат работниот ден или да побараат нови задачи, тие остануваат на работното место бидејќи стравуваат дека пораното заминување може да биде сфатено како недостаток на посветеност. Ова, според авторите на истражувањето, покажува дека во многу организации присуството и создавањето впечаток на зафатеност сè уште се ценат повеќе од реалните резултати. Истражувањето укажува и на неочекуван ефект од дигиталните системи за следење на работата. Наместо да ја подобрат ефикасноста, тие често ги поттикнуваат вработените уште повеќе да симулираат активност. Дури 63 проценти од лицата кои работат во компании што користат софтвер за следење на работниот процес признале дека токму таквиот надзор ги мотивира да создаваат привид на постојана активност. Овој феномен не ги опфаќа само вработените. Истражувањето покажува дека дури 77 проценти од менаџерите признале дека и самите понекогаш користат различни начини за да изгледаат постојано ангажирани. Тоа, според истражувачите, укажува дека проблемот не произлегува од поединците, туку од организациската култура која го наградува впечатокот за зафатеност повеќе отколку остварените резултати. Дополнително, 71 процент од анкетираните рекле дека би го завршиле работниот ден веднаш штом ќе ги исполнат сите свои работни задачи доколку не стравуваат од негативни реакции или последици. Авторите на анализата сметаат дека компаниите можат значително да ја намалат појавата на лажна продуктивност доколку фокусот го пренасочат од бројот на часови поминати пред компјутер кон квалитетот и резултатите од извршената работа. Организациите што градат култура на доверба, флексибилност и јасно дефинирани цели, според нив, имаат поголеми шанси истовремено да ја подобрат продуктивноста и задоволството на вработените. Истражувањето отвора и пошироко прашање за современиот начин на работа – дали денешните вработени навистина работат помалку или, пак, сè повеќе време трошат обидувајќи се да докажат дека работат. Во услови на хибридни работни модели и засилен дигитален надзор, токму ова прашање би можело да стане еден од најголемите предизвици за современото управување со човечките ресурси. Post navigation Познатото село на езерото Комо им објави војна на непристојните туристи со казни до 200 евра Нов бран на големи зделки ја тресе глобалната економија: Корпорациите повторно купуваат конкуренти и технологии