Индиската групација Tata Group ја зацртува една од најамбициозните стратегии во својата историја, поставувајќи цел приходите од автомобилскиот сектор да достигнат околу 100 милијарди американски долари до крајот на финансиската 2030/2031 година. Планот доаѓа по раздвојувањето на работењето на Tata Motors на бизнисите за патнички и комерцијални возила и претставува основа за новата фаза на развој на компанијата. Претседателот на Tata Group, Натарaјан Чандрасекаран, изјави дека најголем двигател на растот ќе остане британскиот производител на луксузни возила Jaguar Land Rover, од кој се очекува да оствари приходи меѓу 45 и 50 милијарди долари. Бизнисот со комерцијални возила треба да придонесе со околу 40 милијарди долари, додека остатокот ќе произлезе од продажбата на патнички автомобили и производството на автомобилски компоненти. За да ги реализира овие планови, групацијата најави инвестиции од значителен обем во следните пет години. Домашниот автомобилски бизнис на Tata Motors ќе инвестира околу четири трилиони индиски рупии, односно приближно 41,9 милијарди американски долари, додека Jaguar Land Rover ќе вложи околу 20 милијарди британски фунти во развој на нови модели, електрификација на гамата, модернизација на производните капацитети и воведување нови технологии. Компанијата има јасни амбиции и на индискиот пазар. До март 2031 година Tata Motors планира да го зголеми уделот во сегментот на патнички автомобили од сегашните 14,2 проценти на 20 проценти. Во рамките на оваа стратегија предвидено е лансирање на шест целосно нови модели, како и освежување на повеќе од дваесет постојни возила. Според Чандрасекаран, обновениот модел Sierra има потенцијал да стане еден од најпродаваните автомобили во понудата на компанијата. Паралелно со тоа, Tata Motors сака да ја задржи водечката позиција на индискиот пазар на електрични возила, каде моментално држи удел од речиси 45 проценти. Планот предвидува проширување на понудата со електрични модели во повеќе ценовни категории, со што компанијата ќе се обиде да одговори на зголемената побарувачка и засилената конкуренција. Важен дел од долгорочната стратегија е и локалното производство на батерии. Компанијата Agratas, која е дел од Tata Group, треба да започне со производство во текот на 2027 година. Нејзините батерии ќе ги користат и Jaguar Land Rover и Tata Motors, што ќе овозможи поголема независност од надворешни добавувачи, подобра контрола на трошоците и посилна конкурентност во период кога глобалната автомобилска индустрија забрзано преминува кон електрична мобилност. Со најавените инвестиции и јасно дефинираните цели, Tata Group испраќа сигнал дека има намера значително да го прошири своето глобално присуство во автомобилската индустрија, потпирајќи се на електрификацијата, новите технологии и зголеменото производство како главни двигатели на идниот раст. Post navigation Дали постојаниот замор е предупредување што не треба да го игнорираме? Starbucks развива сопствени AI решенија за да ја намали зависноста од Microsoft, IBM и Oracle