Потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци во Соединетите Американски Држави би можела значително да се зголеми до крајот на деценијата, додека истовремено растот на цените на струјата веќе создава дополнителен притисок врз домаќинствата и енергетскиот систем, покажуваат нови анализи поддржани од американското Министерство за енергетика. Според истражување на Националната лабораторија „Лоренс Беркли“, централите за податоци би можеле да учествуваат со меѓу 9,5 и 15,3 проценти во вкупната потрошувачка на електрична енергија во САД до 2030 година. За споредба, нивниот удел во 2024 година изнесувал околу 4,7 проценти, што укажува на речиси двојно зголемување во релативно краток временски период. Во извештајот се наведува дека растот е поттикнат пред сè од експанзијата на вештачката интелигенција и зголемената побарувачка за високоперформансни компјутерски системи. Иако технолошкиот напредок носи поголема енергетска ефикасност на поединечни уреди, вкупниот обем на обработка на податоци расте толку брзо што ги надминува тие придобивки, што резултира со постојан пораст на вкупната потрошувачка. Истовремено, во САД се бележи и тренд на раст на цените на електричната енергија. Според анализите, цените за домаќинствата во последните години прво се движеле во линија со инфлацијата, но во текот на минатата година забележале зголемување од околу шест проценти, што е значително над стапката на инфлација. Дополнителен притисок врз енергетските системи создаваат и комуналните претпријатија кои бараат значително зголемување на тарифите, највисоко во последните неколку децении, со цел да се финансира модернизација на електроенергетската инфраструктура и проширување на капацитетите. Регулаторите, пак, одобруваат поголем дел од овие барања, што директно се одразува врз сметките на потрошувачите. Експертите посочуваат дека центрите за податоци, особено оние со голем капацитет кои ја поддржуваат индустријата на вештачка интелигенција, веќе имаат значително влијание врз енергетскиот систем. Во одредени случаи, еден ваков објект може да троши електрична енергија колку десетици илјади домаќинства, што создава локален и регионален притисок врз мрежата. Овој раст на побарувачката има неколку последици врз цените на струјата. Поради потребата да се покрие врвната побарувачка, електроенергетските системи често активираат поскапи извори на производство, што ја зголемува просечната цена на електричната енергија. Дополнително, големите инвестиции во нови капацитети, далноводи и модернизација на мрежата се префрлаат на крајните корисници. Анализите укажуваат и на значителни регионални разлики, при што областите со висока концентрација на центри за податоци се соочуваат со најголем пораст на трошоците за електрична енергија. Во некои случаи, цените во таквите региони се зголемиле повеќекратно во споредба со пред неколку години. Иако растот на дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција се смета за клучен двигател на економскиот развој, експертите предупредуваат дека без дополнителни инвестиции и подобро планирање на енергетските системи, притисокот врз електричните мрежи и цените за потрошувачите би можел дополнително да се засили во наредните години. Post navigation Сериозен безбедносен пропуст кај постари „iPhone“ уреди: истражувачи тврдат дека единствено решение е замена на уредот Инвестициски фонд поврзан со синовите на Трамп остварува големи „папирни“ добивки преку вложувања во мали, нестабилни компании