Во денешниот бизнис свет се создава една тивка, но постојана нормализација на притисокот која ретко се именува директно, а уште поретко се доведува во прашање. Се зборува за продуктивност, за раст, за таргети, за „high performance“ култура, за брзина и адаптибилност, но многу поретко се зборува за тоа што реално се случува со човекот кога тој систем станува единствено мерило на вредност. А она што се случува, се повеќе личи на хронично психолошко истрошување кое се прикрива зад професионален жаргон и корпоративни фрази.

Работниот ден одамна престана да биде јасно дефиниран. Не е повеќе осумчасовен блок кој почнува и завршува во одредено време, туку постојан тек на повици, пораки, мејлови и состаноци кои се протегаат низ целиот ден и често навлегуваат длабоко во приватниот простор. Телефонот станува продолжение на канцеларијата, лаптопот е секогаш отворен, а мозокот никогаш целосно не се исклучува. Дури и кога физички сме дома, психолошки остануваме на работното место. Ова не е само нов начин на работа, туку нов начин на живеење кој постепено ја брише границата меѓу професионалното и приватното до точка на нејзино целосно исчезнување.

Во таква средина, притисокот не доаѓа во форма на еден голем момент, туку во илјадници мали, секојдневни микропритисоци. Секој повик што „мора“ да се одговори веднаш, секој состанок кој се протега без јасна поента, секој таргет кој се поместува нагоре штом претходниот се достигне, секое очекување дека секогаш можеш и треба повеќе. Овој тип на динамика создава состојба на постојана внатрешна напнатост, каде телото функционира, но психата е во режим на континуирана аларм состојба. И токму тоа е најопасниот дел: човек почнува да се навикнува на стресот како на нормала.

Паралелно со ова, приватниот живот станува нешто што се „вклопува“ помеѓу обврски, наместо да биде рамнотежа или контратежа на работата. Семејството, пријателите, одморот, па дури и основните лични потреби се прилагодуваат на распоредот на работата, а не обратно. Луѓето почнуваат да функционираат во логика на постојано одложување на сопствениот живот: „ќе одморам кога ќе заврши проектот“, „ќе се исклучам после оваа фаза“, „ќе се посветам на себе кога ќе се стабилизира периодот“. Но периодот ретко се стабилизира, а проектите ретко завршуваат на начин кој навистина носи мир. Системот е дизајниран да продолжува.

Во ваква реалност, психолошкиот замор не е исклучок, туку логичен исход. И тука се појавува една сè поопасна и сè помалку дискутирана појава: нормализацијата на употребата на апчиња за смирување како алатка за функционирање. Не во клинички, строго медицински контекст, туку како брзо решение за да се издржи денот, да се намали внатрешната напнатост, да се стигне до крајот на неделата без „распаѓање“. Во многу случаи тоа не се перципира како проблем, туку како практична адаптација на условите. И токму тука лежи суштината на кризата.

Кога едно општество или работна култура создава услови во кои поединецот чувствува дека му е потребна хемиска помош за да го издржи сопствениот работен ден, тогаш прашањето повеќе не е индивидуално, туку системско. Не се работи за тоа дека луѓето се „слаби“ или „не издржуваат“, туку дека темпото, очекувањата и постојаната достапност ја надминуваат границата на психолошка одржливост. А сепак, наместо да се преиспита тој систем, вината тивко се префрла на поединецот кој „не се справува доволно добро“.

Особено проблематично е тоа што оваа состојба се случува во средина која постојано го слави издржливиот човек. Оној кој работи до доцна, кој одговара на пораки во било кое време, кој никогаш не се жали, кој секогаш е достапен. Издржливоста се претвора во идеал, но не како здрав капацитет, туку како бесконечна толеранција на стрес. Во таков контекст, границите се гледаат како слабост, а паузата како недостаток на амбиција. Ова создава перверзна логика во која колку повеќе се истрошуваш, толку повеќе „вредиш“.

Последиците од ваквата култура не се веднаш видливи, но се акумулираат. Хроничен замор, проблеми со концентрација, анксиозност, нарушен сон, емоционална отуѓеност од работата и од луѓето, чувство на постојана вина кога не се работи. Во одреден момент, човек престанува да прави разлика меѓу стрес и нормално функционирање, бидејќи стресот станува основната состојба. И тогаш, секој обид за смирување изгледа како итна потреба, а не како превенција.

Она што дополнително загрижува е дека оваа состојба често се прикрива зад фасадата на „успешен живот“. Однадвор, луѓето изгледаат функционални, продуктивни, ангажирани. Внатрешно, многумина функционираат на граница на издржливост. Оваа дисонанца помеѓу надворешниот перформанс и внатрешната состојба создава уште поголем притисок, бидејќи остава впечаток дека „сите други се справуваат“, па проблемот мора да е индивидуален. Но вистината е дека системот е таков што нормализира исцрпеност, а потоа ја индивидуализира последицата.

Најголемата иронија во сето ова е што во име на продуктивноста се уништува токму она што ја овозможува продуктивноста на долг рок: стабилната психа, одморениот ум, чувството на баланс. Краткорочно може да се добие повеќе работа, побрзи резултати, поагресивно исполнување на таргети. Долгорочно се добива исцрпена работна сила, намалена креативност и зголемена зависност од механизми за смирување кои не се решение, туку симптом.

Прашањето кое се наметнува не е дали луѓето можат да издржат повеќе, туку зошто воопшто се очекува да издржат толку многу. И зошто е прифатено како нормално дека животот треба да се живее во состојба на постојан притисок, со повремени хемиски паузи за да може да продолжи истиот циклус. Додека овие прашања остануваат надвор од корпоративните и општествените разговори, притисокот ќе продолжи да се акумулира, само тивко, индивидуално и невидливо.

И можеби најопасниот дел од сето ова не е самиот притисок, туку неговата нормализација. Фактот дека се повеќе луѓе го прифаќаат како „само така е“, наместо да го препознаат како состојба која бара промена.

Ангелов М.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *