Aerial shot of multiple white vans parked in orderly rows in a lot under daylight.

Од 1 јули стапуваат во сила нови европски правила со кои значително се проширува обврската за користење паметни тахографи во меѓународниот патен транспорт, при што под регулативата за првпат ќе бидат опфатени и лесните комерцијални возила.

Според новите прописи, сите комбиња и лесни товарни возила со максимална дозволена маса меѓу 2,5 и 3,5 тони, вклучувајќи ја и приколката, доколку се користат за меѓународен превоз на стоки или каботажа во рамките на Европската унија, ќе мора да бидат опремени со паметни тахографи од втора генерација, познати како G2V2 уреди.

Овие системи имаат за цел да обезбедат прецизно следење на работата на возачите и движењето на возилата, при што автоматски ги регистрираат граничните преминувања, местата на товарење и истовар, како и времето на возење и одмор. Со тоа се зголемува контролата врз почитувањето на правилата за работно време на возачите и безбедноста во сообраќајот.

Досега, ваквата обврска важеше исклучиво за товарни возила над 3,5 тони, но со постепеното воведување на новите европски правила од август 2023 година, регулативата се проширува и на помалите комерцијални возила кои учествуваат во меѓународен транспорт на стоки.

Од примената на новите правила се исклучени одредени категории возила. Тоа се лесни камиони што се користат за транспорт на материјали до и од градилишта, како и за активности на самите градилишта, под услов да се движат во радиус до 100 километри. Исклучок има и за возила што се користат за превоз на рачно изработени производи, како и за оние кои не се користат примарно за комерцијален транспорт.

Новата регулатива се применува на територијата на Европската унија, како и во неколку држави кои се дел од проширениот европски транспортен систем, меѓу кои Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и Велика Британија.

Сепак, некои земји кои се потписнички на меѓународниот договор AETR за регулирање на работното време на возачите во меѓународниот патен сообраќај не се опфатени со оваа конкретна обврска.

Со проширувањето на примената на паметните тахографи, Европската унија целта да ја зголеми транспарентноста во транспортниот сектор, да го намали прекршувањето на правилата за возење и одмор и да обезбеди поголема безбедност на патиштата во меѓународниот сообраќај.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *