Швајцарија и понатаму го задржува приматот како најскап европски пазар за купување недвижности, покажуваат најновите податоци од анализата на Global Property Guide. Високите приходи, економската стабилност и ограничената понуда на станбен простор продолжуваат да ги туркаат цените нагоре, особено во најголемите урбани центри во земјата. На врвот на листата се наоѓа Цирих, каде просечната цена на станбен квадратен метар достигнува 18.229 евра. Во споредба со минатата година, цените се повисоки за 4,2 проценти, додека во однос на 2024 година растот изнесува 11,7 проценти. Експертите ваквиот тренд го поврзуваат со силната финансиска индустрија, политичката сигурност и долготрајниот недостиг од нови станбени единици, што создава постојан притисок врз пазарот. Веднаш зад Цирих е Женева, каде квадратен метар станбен простор во просек чини 16.819 евра. Во градот, кој е дом на бројни меѓународни организации и финансиски институции, цените во последната година се зголемиле за 3,4 проценти. Големата концентрација на високо платени професионалци и ограничената понуда на недвижности дополнително придонесуваат за растот на вредноста на станбениот простор. Меѓу најскапите европски градови се наоѓа и Луцерн, каде просечната цена достигнала 12.066 евра за квадратен метар. Во овој швајцарски град е регистриран и значителен годишен раст од 7,3 проценти, што дополнително ја зацврстува позицијата на земјата како лидер на европскиот пазар на недвижности. Високо на листата се наоѓа и Луксембург, главниот град на истоимената држава, која има еден од највисоките бруто домашни производи по жител во светот. Сепак, за разлика од швајцарските градови, таму е забележано благо намалување на цените. Просечната вредност на квадратен метар изнесува 10.941 евро, што претставува пад од 0,9 проценти на годишно ниво и 6,9 проценти во споредба со периодот пред две години. Меѓу најскапите пазари на недвижности во Европа се вбројува и Берн, по што следуваат Париз и Амстердам. Во француската престолнина цената на квадратен метар достигнува 9.490 евра, додека во холандската метропола изнесува 9.437 евра. Особено внимание привлекува Амстердам, кој бележи најдинамичен раст меѓу водечките европски пазари. Во последните две години цените на недвижностите таму се зголемиле за дури 19,2 проценти, што е највисок раст меѓу градовите опфатени во анализата. Податоците потврдуваат дека европскиот пазар на недвижности останува силно под влијание на локалните економски услови, куповната моќ и понудата на станбен простор. Додека дел од градовите бележат стабилен раст, други се соочуваат со корекции на цените, но Швајцарија и натаму останува неприкосновен лидер кога станува збор за вредноста на квадратниот метар. Post navigation Instagram воведе долгоочекувана опција за уредување на профилот Инвеститорите вложуваат милијарди: побарувачката за SpaceX ја надмина понудата четирикратно