Легенарниот автомобилски бренд Yugo би можел повторно да се врати на пазарот, откако српскиот претприемач Александар Бјелиќ ги откри првите конкретни детали за новиот модел што треба да го оживее некогашниот симбол на југословенската автомобилска индустрија. Проектот веќе привлече големо внимание во регионот, особено по претставувањето на концептниот дизајн минатата година во Минхен. Новите информации беа презентирани на автомобилската конференција SEE Automotive Conference во Белград, каде што тимот зад проектот откри дека идниот Yugo ќе користи хибриден погон со технологија за продолжен досег. Станува збор за систем во кој моторот со внатрешно согорување главно служи како генератор за производство на електрична енергија, без потреба од надворешно полнење како кај класичните plug-in хибриди. Според најавите, автомобилот ќе може да користи различни видови гориво, а потрошувачката во оптимални услови би изнесувала околу 2,2 литри на 100 километри. Целта на проектот е новиот модел да остане достапен за поширок круг купувачи, па планираната почетна цена се движи околу 12.000 евра. Дизајнерски, новиот Yugo останува верен на концептот претставен во 2025 година. Се работи за компактен автомобил со три врати, спортски изглед и едноставни линии, инспирирани од оригиналниот модел кој со децении беше препознатлив на патиштата низ поранешна Југославија. Зад проектот стои Александар Бјелиќ, српски бизнисмен и професор по економија кој живее во Германија и има долгогодишно искуство во автомобилската индустрија. Тој минатата година ги обезбеди правата за користење на името Yugo и најави дека брендот сака повторно да го позиционира како производител на достапни и практични возила за масовниот пазар. Во развојот на автомобилот учествува и српскиот дизајнер Дарко Марчета, познат по работа на специјализирани и воени возила, додека тимот го сочинуваат и експерти од областа на финансиите, тестирањето и автомобилскиот развој. Според сегашниот план, првиот функционален прототип би требало да биде претставен во 2027 година на Експо саемот во Белград. Дали новиот Yugo навистина ќе стигне до сериско производство, останува да се види, но интересот за враќањето на култниот бренд веќе е значителен. Post navigation Нова генерација милионери: Спортистите под 25 доминираат на листата на Forbes Богатите Американци сè почесто бараат второ државјанство во услови на глобална неизвесност