Apple во јануари ја презела малата технолошка компанија Patchflyer, покажуваат документи за аквизиции објавени од Европската Унија. Зад компанијата стои Jonathan Ochmann, познат по развојот на Color.io – веб алатка за обработка на боја која стекна голема популарност меѓу фотографите, видеомонтажерите и филмските професионалци. Со аквизицијата, Apple го ангажирала и самиот Очман, кој уште минатата година најави дека ја затвора платформата Color.io. Во тогашното обраќање до корисниците, тој посочи дека по повеќе од една деценија самостојна работа дошол до момент кога понатамошниот развој бара поголема инфраструктура и поддршка што не можел сам да ја обезбеди. Color.io беше препознатлив по едноставниот интерфејс и напредните можности за обработка на боја, особено за создавање филмски визуелен стил и текстури на фотографии и видеа. Платформата користеше сопствен систем за управување со боја и нудеше широк спектар професионални алатки за прецизна корекција и стилизирање. Пред да го развие Color.io, Очман стоеше и зад VisionColor филтрите, кои со години важеа за едни од најкористените алатки за колоризација во филмската индустрија. Платформата официјално престана со работа на 31 декември 2025 година, а корисниците добија релативно краток рок за адаптација, што предизвика реакции кај дел од заедницата. Со откривањето на аквизицијата сега станува појасно дека затворањето било дел од поширок договор со Apple. Според познавачите на индустријата, експертизата на Очман и технологиите развиени преку Color.io би можеле да бидат интегрирани во професионалниот софтвер на Apple, како Final Cut Pro или Pixelmator Pro. Потегот се вклопува во стратегијата на компанијата да го зацврсти своето присуство кај креативните и професионалните корисници, особено во сегментот за видео и визуелна продукција. Post navigation TikTok влегува во туристичкиот бизнис со новата услуга TikTok GO Microsoft и Discord ги поврзуваат своите претплати за гејмерите