Американскиот технолошки гигант Microsoft Corp. размислува за можно одложување или дури напуштање на една од своите најамбициозни цели поврзани со чиста енергија, во обид да ги намали пречките во забрзаната трка за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.

Според извори запознаени со внатрешните дискусии, компанијата ја преиспитува целта до 2030 година целосно да ја усогласи својата потрошувачка на електрична енергија на час со набавки од обновливи извори. Овој концепт, познат како „100/100/0“, предвидува секој час од работењето да биде покриен со енергија без јаглеродни емисии, што е значително поамбициозно од претходната стратегија која се однесуваше на годишно израмнување на потрошувачката.

Причина за можниот пресврт е експлозивниот раст на дата центрите, поттикнат од развојот на вештачката интелигенција, кој драматично ја зголемува побарувачката за енергија. Изградбата и одржувањето на овие капацитети бара огромни ресурси, што ги става под знак прашалник климатските обврски поставени пред наглиот технолошки бум. Од компанијата велат дека и натаму ќе бараат начини да го одржат барем годишното усогласување со обновливи извори, но не коментираат за построгата часовна цел.

Ситуацијата со Microsoft не е изолиран случај. Компании како Amazon.com Inc., Meta Platforms Inc. и Alphabet Inc., сопственик на Google, исто така се соочуваат со растечки емисии поради интензивното ширење на AI и cloud инфраструктурата. Во нивните најнови извештаи за одржливост, сите пријавија значително зголемување на јаглеродниот отпечаток во споредба со периодот пред појавата на напредните AI системи.

Во вакви околности, природниот гас сè почесто се наметнува како практично решение за брзо обезбедување енергија. Аналитичарите оценуваат дека во трката за што побрзо ставање во функција на дата центрите, еколошките цели сè почесто отстапуваат пред потребата од сигурно и достапно напојување.

Проекциите покажуваат дека потрошувачката на електрична енергија од дата центрите во САД би можела повеќе од двојно да се зголеми до 2035 година, при што токму гасот ќе има доминантна улога во задоволување на побарувачката. На глобално ниво, обновливите извори ќе покријат значаен дел од растот, но нема целосно да ја заменат традиционалната енергија.

Microsoft паралелно продолжува со инвестиции во обновливи извори и инфраструктура, со десетици гигавати договорен зелен капацитет и нови проекти во развој. Сепак, компанијата се соочува и со финансиски притисоци, бидејќи планира огромни вложувања во дата центри во наредните години, што доведува до построго преиспитување на трошоците, вклучително и оние за климатски иницијативи.

Иако конечна одлука сè уште не е донесена, можната промена на стратегијата би означила значаен пресврт за една од компаниите која долго време важеше за лидер во корпоративните напори за намалување на емисиите и транзиција кон одржлива енергија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *