Во време кога медицината сè повеќе се потпира на технологија и брзи одлуки, улогата на лекарот останува суштински човечка. Доктор Кристијан припаѓа на генерацијата млади лекари кои успеваат да го задржат токму тој баланс – помеѓу науката, современите алатки и емпатијата кон пациентот. Неговиот пат започнува уште во раната младост, инспириран од блискоста со медицинската професија, а продолжува низ образование и посветена работа што го носат до кардиологијата – една од најодговорните гранки во медицината. Денес, покрај клиничката пракса, активно работи и со студенти, пренесувајќи знаење и вредности што не се учат само од книги. Во разговорот што следи, зборува за изборите што го обликувале, за моментите што ја потврдиле неговата професионална насока и за тоа како изгледа медицината денес – на пресекот меѓу технологијата и човечноста.

Ако треба да ја опишеш твојата љубов кон медицината како приказна – од каде
започнува и како се развиваше до денес?

Медицината не е избор што се прави случајно – таа е повик што или го чувствуваш, или не. Јас многу рано станав свесен за тежината на тој избор, но и за неговата вредност. Моето патување започна уште во основно образование, кога преку приказните на мојата сестра – тогаш ученик во средното медицинско училиште во Штип – за првпат го почувствував пулсот на болницата, не како институција, туку како место каде се случуваат вистински човечки приказни. Таа инспирација ме одведе кон истото училиште, каде љубовта кон медицината не само што се потврди, туку и се продлабочи. Подоцна, студиите на Факултетот за медицински науки беа логично продолжение на таа приказна, крунисани со признанието „Примариус д-р Димитар Ивановски“ од Лекарската комора на Македонија за студент со највисок просек на Факултетот за медицински науки – чест која ја доживувам како обврска, не само како успех. Кардиологијата ја избрав затоа што срцето не е само орган – тоа е границата помеѓу животот и смртта. Да се занимаваш со срцето значи секојдневно да работиш на таа граница. А денес, покрај клиничката работа, мојата улога на универзитетот со работата со студенти, ми дава можност да го пренесам знаењето и искуството на идните лекари – што за мене е една од највредните димензии на оваа професија.

Срцето често го гледаме како симбол на емоции, а ти го гледаш секојдневно како орган
– дали некогаш се судираат тие две перспективи?

Во медицината, особено во кардиологијата, многу брзо сфаќате дека тие две перспективи несе спротивставени – туку длабоко поврзани.
Се сеќавам на еден момент како студент, кога млад пациент со акутен инфаркт буквално
умираше пред нас. Во просторијата беа и неговата сопруга и двете мали деца. Одговорниот доктор започна реанимација поради тешка аритмија – хаотичен ритам што за нас значеше медицинска итност, а за семејството – рушење на светот. И тогаш, по интервенцијата од страна на докторот, срцето повторно започна правилно да работи.
Во тој момент сфатив: ние не враќаме само срцев ритам – враќаме татко, сопруг, иднина на едно семејство. Од тогаш, за мене срцето е истовремено и орган и симбол – и едното не може без другото.

Кој момент во твојата досегашна кариера ти потврди дека си го избрал вистинскиот пат?
Токму тој момент на враќање на пациентот во живот беше пресвртница. Не поради
драматиката, туку поради сознанието за одговорноста што ја носи оваа професија. Да бидеш лекар значи да донесуваш одлуки во секунди кои имаат тежина на цели животи. Во тие моменти нема простор за сомнеж – има само знаење, тимска работа и присебност. И кога ќе видите дека тоа функционира, дека животот продолжува – тогаш знаете дека сте на вистинското место, таму каде што треба да бидете.

Колку денешната кардиологија се потпира на модерна технологија – дали добриот
кардиолог денес мора да биде и „технолошки експерт“?

Современата кардиологија е незамислива без технологија – од напредни дијагностички
методи до интервенции кои спасуваат живот за неколку минути. Но, технологијата е алатка, не суштина.
Добриот кардиолог денес мора да ја разбира и користи технологијата, но уште поважно –
мора да знае кога и како да ја примени. Затоа што зад секој резултат стои човек, не алгоритам.
Јас верувам во баланс: да бидеме во чекор со времето, да ги користиме најдобрите достапни алатки, но никогаш да не заборавиме дека медицината започнува со разговор, доверба и клиничко размислување. Без тоа, и најсовремената технологија останува без вистинска вредност.

Како вештачката интелигенција го менува начинот на кој кардиолозите размислуваат, а
не само работат?

Вештачката интелигенција веќе почнува да го менува начинот на кој ги анализираме
податоците и носиме одлуки. Таа може да препознае одредени состојби, да забрза дијагноза и да предложи решенија. Но, медицината не е математика каде 2 + 2 секогаш се 4. Секој пациент е различен, со своја биологија, психолошка состојба и животна приказна. Токму тука доаѓа улогата на лекарот – критичко размислување, проценка и одговорност.
Затоа, јас ја гледам вештачката интелигенција како помошна алатка, не како замена. Таа може да ни помогне да бидеме подобри, но не може да ја замени човечката проценка и емпатија.

Дали повеќе те возбудува идејата за технологија што спасува животи или човечкиот
момент кога пациентот ти верува целосно?

Технологијата фасцинира, но довербата обврзува. Најсилниот момент во медицината не е
кога ќе добиете совршен резултат од апарат, туку кога пациентот ќе ве погледне и ќе ви каже „Ви верувам“. Во тој момент, вие не сте само лекар – вие сте одговорност. И токму таа доверба е она што ја дава вистинската тежина на секоја одлука што ја носиме.

Како ја замислуваш иднината – дали кардиологот ќе биде повеќе лекар, технолог или
нешто сосема ново?

-Иднината нема да биде „или-или“, туку „и-и“. Кардиологот ќе мора да биде и одличен
клиничар и добар познавач на технологијата. Но над сè – ќе мора да остане човек кој разбира друг човек. Можеби ќе имаме попрецизни дијагнози, побрзи интервенции и помалку грешки, но суштината нема да се промени: медицината ќе остане професија на знаење, одговорност и емпатија. И токму во таа комбинација – на наука, технологија и човечност – ја гледам иднината на кардиологијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *