Маркетингот не е што кажувате, туку како луѓето ве паметат“ – интервју со Маргарита од Потенс Консалтинг
Во време кога маркетингот станува сè погласен, а вниманието на публиката сè пократко, вистинската вредност се крие во стратегијата, автентичноста и способноста да се изгради доверба. Наместо површни кампањи и краткорочни ефекти, современите брендови бараат подлабока приказна – идентитет кој не само што се гледа, туку и се чувствува.
Токму на оваа линија се движи и Потенс Консалтинг, компанија која не го гледа маркетингот како алатка за продажба, туку како процес на градење перцепција, доверба и долгорочна вредност. Зад оваа визија стои Маргарита – лидерка која го започнала својот бизнис не од класична бизнис идеја, туку како одговор на празнината што ја забележала на пазарот.
Во ова интервју, разговараме за тоа како се гради бренд што луѓето го паметат, како вештачката интелигенција ја трансформира комуникацијата, и зошто иднината на маркетингот не е во гласноста – туку во релевантноста.
Маргарита, може ли да ни раскажете како започна Потенс Консалтинг? Која беше таа искра или момент кој ве инспирираше да основате иновативна маркетинг компанија?
Искрено Потенс Консалтинг не започна како класична бизнис идеја, започна како реакција на тоа што го гледав на пазарот. Забележав дека многу компании инвестираат во маркетинг, но некако без јасна стратегија без позиционирање и без вистинска приказна за брендот. И така Потенс не се роди како план туку како чувство дека нешто недостасува.Токму тоа беше искрата односно желбата да создадам нешто што ќе оди подлабоко од само објави и реклами. Сакав да изградам компанија која ќе им помогне на брендовите да добијат идентитет, да комуницираат со цел и да создадат вистинска врска со својата публика. Потенс денес не е само маркетинг агенција, таа е партнер кој ги гледа клиентите долгорочно. Работиме на тоа брендовите да не зависат само од реклами, туку да станат препознатливи, доверливи и посакувани.
Тоа е партнерство со брендовите кои сакаат да бидат препознаени, а не само присутни. Затоа што верувам дека добриот маркетинг не продава само производ тој гради перцепција, а перцепцијата е она што прави разлика на пазарот. Маркетингот не е што кажувате, туку како луѓето ве паметат.
Во денешниот брз свет на дигитален маркетинг, како ја користите вештачката интелигенција (АИ) во стратегиите на Потенс? Можете ли да споделите конкретен пример како АИ помогнала на вашите клиенти?
Вештачката интелегенција за нас не е замена за човечки допир туку негова надоградба. Вештачката интелигенција за нас не значи замена за креативност туку алатка што ја прави креативноста поефикасна и попрецизна. Ни помага да слушнеме подобро, да разбереме подлабоко и да реагираме попрецизно. Ја користиме за анализа на однесување, оптимизација на кампањи и креирање пораки што навистина допираат до вистинската публика.
Во еден проект со клиент од естетиката, токму преку ваков пристап ја променивме комуникацијата од продажба кон доверба и тоа направи голема разлика и добро позиционирање на пазарот.
Технологијата може да ве направи побрзи, но само стратегијата ве прави подобри!
Каде ја гледате иднината на маркетингот во следните 5 до 10 години? Кои трендови ќе ги обликуваат компаниите кои сакаат да останат конкурентни?
Маркетингот станува потивок – но помоќен. Луѓето веќе не сакаат да им се продава. Сакаат да препознаат вредност, да почувствуваат искреност и да се поврзат.
Во иднина, ќе победуваат брендовите што знаат да бидат релевантни во вистинскиот момент, а не само присутни постојано.
Персонализацијата, автентичноста и паметната употреба на технологијата ќе бидат клучни, но вистинската разлика нема да биде во алатките туку во стратегијата и конзистентноста.
Во свет полн со бучава, релевантноста е луксуз !
Многу стартапи и мали бизниси се борат да ја разберат важноста на маркетингот и ПР. Како го објаснувате значењето на маркетинг стратегиите и комуникацијата со јавноста за растот на еден бренд?
Најчестата грешка е што маркетингот се гледа како трошок, наместо како инвестиција. Без стратегија и комуникација, дури и најдобриот производ останува невидлив. Маркетингот дава правец, а ПР ја гради довербата. Јас секогаш го објаснувам едноставно ако никој не знае за вас, не постоите на пазарот. Може да имате одличен производ или услуга но без стратегија и комуникација, тоа останува невидливо. Маркетинг стратегијата е она што дава правец, кому се обраќате, што кажувате и како се позиционирате додека ПР од друга страна ја гради довербата, начинот на кој јавноста ве доживува.
Без овие две работи, растот е случаен, можете да имате совршен производ, но ако приказната не е јасна пазарот ќе ја создаде наместо вас.
Ако не ја контролирате вашата приказна, некој друг ќе ја раскаже !
Потенс создава уникатна содржина и гради силни врски со заедницата. Зошто е ова клучно за современиот бизнис и како влијае на довербата во брендот?
Денес, вниманието е највредната валута! Луѓето секојдневно се изложени на огромен број информации и реклами и затоа класичниот пристап веќе не функционира. Уникатната содржина е она што ве издвојува, таа не треба само да информира, туку да предизвика емоција, да едуцира или да инспирира. Кога брендот создава вредност преку содржина тој престанува да биде ”продавач” и станува извор на доверба. Но, вистинската разлика се прави преку заедницата. Кога луѓето се чуствуваат поврзани со брендот, тие не се само клиенти, тие стануваат ваши амбасадори. Во Потенс веруваме дека довербата не се гради преку една кампања, туку преку конзистентна комуникација и искрена вредност. А довербата е насилната карика што еден бренд може да ја има, затоа што денес, не победува оној што продава, туку оној што создава вредност!Содржината е првиот контакт, но заедницата е тоа што го прави брендот жив! Кога луѓето ќе се пронајдат во вашата приказна, тие стануваат дел од неа, а тоа е најсилната форма на доверба. Луѓето не купуваат производи, тие стануваат дел од приказни !
Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте како CEO на консалтинг компанија и што научивте од нив што би го советувале другите претприемачи?
Еден од најголемите предизвици беше да научам дека не мора секогаш да бидам прифатена, доволно е да бидам сигурна во својата насока што ја водам. Во бизнисот, особено кога градите нешто свое, ќе има моменти кога луѓето ќе се сомневаат, ќе пробуваат да ве предомислат, ќе поставуваат прашања или ќе очекуваат да се прилагодите на веќе постоечките модели. Но, вистинскиот раст започнува токму кога ќе престанете да се обидувате да се вклопите и ќе почнете да поставувате свои правила. Научив дека градењето компанија не е само стратегија и резултати, туку и карактер. Да знаеш кога да кажеш не, кога да поставиш граници и кога да останеш доследена на себе, дури и ако тоа значи потешкиот пат.
Во почетоците најтешко беше да се изгради доверба и на пазарот но и во сопствените одлуки. Кога водиш консалтинг компанија, луѓето не купуваат само услуга тие ти ја доверуваат својата насока, својот раст, тоа носи одговорност, но и потреба за постојана јасност и интегритет.
Друг предизвик беше балансот помеѓу амбицијата и трпението. Да знаеш кога да притиснеш, а кога да дозволиш работите да се развиваат природно. Тука научив дека вистинската сила не е во контролата, туку во стабилноста.
Како жена лидер научив дека силата не мора да биде агресивна за да биде влијателна. Понекогаш најголемата моќ е во мирната самодоверба и јасната визија. Не мораш да се вклопиш во туѓ модел за да бидеш успешна, напротив токму автентичноста е твојата најголема предност.
Мојот совет до претприемачите е да не се обидуваат да го забрзаат процесот по секоја цена. Да изградат јасна визија, да и веруваат и да останат доследни на неа дури и кога резултатите не доаѓаат веднаш. Вистинското лидерство не се докажува со гласност туку со сигурност !
Ако можете да дадете еден совет на иноваторите и стартапите кои сакаат да го достигнат „новото можно“ преку маркетинг, што би било тоа?
Најголемата грешка кај стартапите е што сакаат да привлечат што е можно повеќе луѓе, а на крај за жал не допираат до никого вистински.
Затоа фокус! Силниот бренд започнува со јасна визија, јасна порака и јасен идентитет. Маркетингот не е само алатка за продажба тоа е начин на кој светот ве перцепира. Ако немате јасна приказна, пазарот ќе ја создаде наместо вас и најчесто за жал нема да биде онаа што вие ја сакате.
Затоа, фокусирајте се на вредноста што ја носите и кому му е најпотребна, кога тоа ќе го погодите, растот станува природен резултат! Затоа во време кога сите се обидуваат да бидат сè, најголема предност е да знаеш точно кој си! Не ви требаат сите, ви требаат вистинските! И секако за крај да имаат храброст да дејствуваат затоа што храброста не значи дека не се плашиш, храброста значи дека дејствуваш и покрај стравот што го чуствуваш !