Најголемиот светски производител на кондоми најавува поскапување поради глобалните шокови
Каракс БХД, малезискиот производител кој се смета за најголем светски производител на кондоми, најави зголемување на цените за 20 до 30 проценти, со можност за дополнителни поскапувања доколку нарушувањата во синџирите на снабдување продолжат поради глобалните енергетски и логистички притисоци поврзани со конфликтот меѓу Иран и пошироките последици на пазарот.
Извршниот директор на компанијата, Гох Миа Киат, изјави дека компанијата нема избор освен да ги префрли зголемените трошоци врз купувачите, бидејќи цените на суровините и транспортот значително пораснале во последните месеци. Според него, ситуацијата на глобалниот пазар е нестабилна и чувствителна, а ценовниот притисок веќе директно се одразува врз производството.
Каракс, кој годишно произведува повеќе од пет милијарди кондоми и снабдува големи брендови како Дурекс и Тројан, како и јавни здравствени системи и меѓународни хуманитарни програми, бележи и зголемена побарувачка. Компанијата наведува дека глобалната потрошувачка пораснала за околу 30 проценти оваа година, додека истовремено се намалуваат залихите поради повисоки трошоци и нарушен транспорт.
Покрај зголемената побарувачка, компанијата се соочува со поскапи суровини, вклучувајќи синтетичка гума, нитрил и материјали за пакување, како и хемикалии што се користат во производството. Логистичките проблеми дополнително ја влошуваат ситуацијата, при што испораките кон Европа и САД сега траат речиси двојно подолго од вообичаеното.
Според компанијата, дел од проблемот доаѓа и од нарушувањата во глобалните енергетски текови и синџири на снабдување, кои влијаат врз петрохемиската индустрија и транспортните рути. Како резултат на тоа, многу клиенти имаат пониски залихи од вообичаено, а дел од пратките остануваат заглавени на бродови и доцнат со недели.
Гох предупреди дека некои земји во развој се соочуваат со посериозни недостатоци, бидејќи времето на испорака се продолжува и до два месеци, што дополнително создава притисок врз здравствените системи и хуманитарните резерви.
Компанијата засега располага со доволни залихи за наредните месеци, но најавува зголемување на производството за да одговори на растечката побарувачка. Сепак, раководството предупредува дека состојбата на глобалниот пазар останува неизвесна и дека понатамошните нарушувања би можеле да донесат нови корекции на цените.