Американската биотехнолошка компанија Revolution Medicines објави значаен пробив во лекувањето на рак на панкреасот, откако нејзиниот експериментален лек дароксонарасиб покажал извонредни резултати во клиничка студија од трета фаза.

Според податоците од испитувањето, пациентите кои ја примале терапијата живееле во просек 13,2 месеци, што е речиси двојно повеќе во споредба со 6,7 месеци кај оние третирани со стандардна хемотерапија. Воедно, ризикот од смрт бил намален за околу 60 проценти, што претставува едно од најзначајните подобрувања досега забележани кај оваа агресивна болест.

Од Revolution Medicines оценуваат дека резултатите се пресвртница и најавуваат дека наскоро ќе побараат одобрение од американската администрација за храна и лекови, со цел лекот што побрзо да стане достапен за пациентите. Раководството на компанијата нагласува дека станува збор за досега невиден напредок во третманот на рак на панкреас, каде терапиите со децении имаат ограничен ефект.

Дароксонарасиб делува врз таканаречените RAS мутации, кои се присутни кај околу 90 проценти од случаите на ова заболување и играат клучна улога во растот на туморите. Токму таргетирањето на овие мутации се смета за нов правец во онкологијата, кој досега не дал значајни резултати кај пациентите со рак на панкреас.

Лекари кои учествувале во студијата велат дека ефектите се трансформативни. Според нив, претходните терапии успевале да го продолжат животот за неколку недели или месеци, додека новиот лек носи значително подолго преживување и нова надеж за пациентите.

Иако терапијата покажала ветувачки резултати, забележани се и несакани ефекти, меѓу кои најчеста е појава на кожен осип. Сепак, експертите велат дека во најголем дел од случаите тие се контролираат и не претставуваат сериозна пречка за третманот.

Компанијата веќе работи на дополнителни испитувања, вклучително и студии за пациенти кај кои болеста е дијагностицирана во рана фаза, како и комбинирање на лекот со други терапии.

Веста за успешните резултати силно одекна и на финансиските пазари, при што акциите на Revolution Medicines значително пораснаа, а пазарната вредност на компанијата достигна над 26 милијарди долари. Аналитичарите оценуваат дека овој развој може да означи нова ера во лекувањето на една од најсмртоносните форми на рак.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *