Смртта на патка во населбата Mueller Lake во Остин, Тексас, предизвика нов бран загриженост кај жителите околу безбедноста на автономните возила и нивното присуство во урбаните средини. Инцидентот се случил кога автономно возило на компанијата Avride, со присутен безбедносен оператор зад воланот, удрило и усмртило патка која била во близина на локален ресторан. Според сведоштво на жител објавено во локална Facebook група, возилото не забавило ниту застанало по судирот, што дополнително ја зголемило вознемиреноста во заедницата. Случајот подоцна бил пренесен и од локалните медиуми, вклучително и KXAN. Дополнителен емотивен набој на инцидентот дава фактот што патката била добро позната меѓу жителите и се гнездела во саксија пред локален италијански ресторан. Дел од заедницата изрази загриженост и за нејзините јајца, кои подоцна биле сместени во инкубатор, пренесува Axios Austin. Од Avride потврдија дека возилото во моментот на инцидентот било во автономен режим. Компанијата нагласи дека не ја прекинува целосно својата тест фаза на јавни патишта, но ја изменила рутата и ги исклучила улиците околу езерото во населбата каде се случил настанот. Жителите исто така тврделе дека возилото не застанало на знак стоп, но од компанијата велат дека податоците од системот не го потврдуваат тоа и дека возилото реагирало правилно на сообраќајните правила на сите критични точки. Avride соопшти дека нивните инженери детално ги анализираат податоците од инцидентот и повеќепати ја репродуцирале ситуацијата во симулации за да разберат што точно се случило. Компанијата исто така најави дополнителни тестирања со цел подобрување на системот за препознавање на слични ситуации, без да се наруши целокупната безбедност на возилата. Автономни возила веќе се тестираат и од други компании во Остин, меѓу кои Zoox, додека Tesla и Waymo, во партнерство со Uber, веќе нудат комерцијални роботакси услуги во одредени делови од градот. Post navigation Туби влегува во ChatGPT: нов начин за откривање филмови и серии Instagram воведува глобални ограничувања за тинејџери: построга контрола на содржините