Производството на нафта на ОПЕК во март бележи најголем пад во најмалку четири децении, како последица на конфликтот во Блискиот Исток што го ограничи извозот од клучните членки на организацијата. Според податоците, производството се намалило за 7,56 милиони барели дневно, или околу 25 проценти, достигнувајќи 22 милиони барели на ден. Војната помеѓу алијансата на САД и Израел и Иран, членка на ОПЕК, ја затвори Ормутскиот Теснец, принудувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Ирак да ги намалат своите производни квоти. Падот во март е најголем за еден месец од почетокот на достапните податоци на Bloomberg од 1989 година, иако ОПЕК во два последователни месеци во 2020 година го намали производството поради колапсот на глобалната побарувачка предизвикана од пандемијата на ковид-19. Овој пад во барели на ден, според експертите, го надминува и оној од нафтениот ембарго на арапските земји во 1973 година, иако тогашниот шок се одвивал на многу помал глобален пазар. Намаленото снабдување предизвика сериозен раст на цените на суровата нафта, кои минатиот месец достигнаа речиси 120 долари за барел во Лондон, додека трошоците за деривати како авионско гориво, дизел и бензин се зголемуваат, што ќе се одрази на потрошувачите. Најголем пад забележа Ирак, кој е најзависен од Хормуз, со намалување на производството за 2,76 милиони барели дневно на 1,63 милиони. И покрај изјавата на иранската војска дека „Братскиот Ирак е изземен од било какви ограничувања“ за транзит преку теснецот, податоците за движењето на танкерите покажуваат бавен обновен промет, далеку под нивото пред конфликтот. Саудиска Арабија и ОАЕ забележаа следни најголеми загуби, но делумно ги ублажија преку користење на алтернативни нафтени патишта кои го заобиколуваат теснецот. Саудиска Арабија го намали производството за 2,07 милиони барели дневно на 8,36 милиони, додека ОАЕ за 1,44 милиони барели на 2,16 милиони. И покрај можноста на Саудиска Арабија да извезува преку Црвеното Море, извозот падна за околу половина во март. Русија, водечка членка на пошироката алијанса ОПЕК+, исто така се соочи со нарушувања поради нападите со дронови врз терминалите за извоз на нафта на Балтичкото Море. Главното пристаниште Уст-Луга ја обнови товарењето на сурова нафта оваа недела, откако прекинот започна крајот на март. Пред војната, осум клучни нации од ОПЕК+ работеа на враќање на производството што било стопирано во претходните години. На 5 април тие се договорија за симболично зголемување на понудата во мај, но предупредија дека целосното враќање на оштетените капацитети ќе трае долго. Истражувањето на Bloomberg е базирано на податоци од следење на танкери, информации од официјални извори и проценки на консултантските компании Rapidan Energy Group, FGE NexantECA, Kpler и Rystad Energy. Post navigation Обединетите нации не успеаја да усвојат мерки за слободна пловидба низ Ормутскиот Теснец поради вето од Русија и Кина Многу авиокомпании ја зголемуваат цената за пријавен багаж поради скапото авионско гориво