Затворања и помалку инвестиции: алармантни сигнали од францускиот производствен сектор
Бројот на затворени фабрики во Франција значително пораснал во текот на изминатата година, што укажува на засилениот притисок врз индустрискиот сектор од меѓународната конкуренција и зголемените трошоци за производство. Според податоците на француското Министерство за финансии, во 2025 година биле затворени околу 160 производствени погони, во споредба со 121 една година претходно, што претставува раст од речиси 30 проценти.
Истовремено, забележан е и пад на отворањето нови фабрики. Лани биле отворени 103 нови капацитети, додека во 2024 година таа бројка изнесувала 115. Овој тренд сигнализира забавување на индустриските инвестиции во услови на неизвесна економска клима.
Најпогодени од затворањата и намалувањето на производството се секторите за прехранбена индустрија, транспорт, стоки за широка потрошувачка и градежништво. Голем број компании се соочуваат со намалена побарувачка и растечка конкуренција од странство, особено од азиските пазари, како и со последиците од американските царини.
Меѓу компаниите кои презедоа мерки за намалување на своето присуство е ArcelorMittal, која најави кратење на околу 600 работни места на неколку локации во северна Франција поради слабата побарувачка во европската челична индустрија. Слични чекори презеде и хемиската компанија Arkema, која затвори дел од своите активности во земјата.
Автомобилскиот сектор исто така се соочува со сериозни предизвици. Добавувачот на авто-делови Valeo веќе кон крајот на 2024 година најави затворање на две фабрики, наведувајќи ја слабата перспектива на автомобилската индустрија и зголемената конкуренција од поевтини кинески производи.
Француските власти предупредуваат дека влошената меѓународна економска средина има силно негативно влијание врз домашната индустрија. Дополнителен товар претставуваат и високите цени на енергенсите, кои ја намалуваат конкурентноста на европските производители.
Сепак, анализата на владата има свои ограничувања, бидејќи ги третира сите индустриски проекти подеднакво, без разлика на нивната големина или економско значење. Така, отворањето на голема фабрика и на мал производствен погон се водат како еднакви единици, што може да даде нецелосна слика за реалното индустриско движење во земјата.