Илон Маск виновен за манипулација со Twitter – следува висока отштета
Поротата во федерален суд во Сан Франциско донесе одлука дека Илон Маск ги довел во заблуда инвеститорите на Twitter во 2022 година, во периодот кога се обидуваше да ја преземе компанијата за пониска цена од првично понудените 44 милијарди долари. Според пресудата, Маск намерно изнесувал тврдења за наводно голем број лажни профили на платформата, со што влијаел врз падот на вредноста на акциите.
Случајот се фокусираше на неговите јавни изјави и објави на социјалните мрежи, кои, според поротата, имале директно влијание врз пазарната перцепција за компанијата. Судот утврди дека овие активности придонеле за намалување на цената на акциите во период од неколку месеци, додека Маск паралелно се обидувал да се повлече од договорот за купување.
Висината на оштетата што ќе треба да ја исплати ќе биде утврдена дополнително, а според проценките може да достигне стотици милиони, па дури и милијарди долари. Сепак, и покрај потенцијалната финансиска казна, таа веројатно нема значително да влијае врз вкупното богатство на Маск, кое останува меѓу најголемите во светот.
Пресудата претставува редок судски пораз за Маск, кој во минатото успеваше да излезе како победник во слични правни битки. Меѓу нив е и случајот со инвеститорите на Tesla, поврзан со неговата контроверзна изјава за обезбедено финансирање за повлекување на компанијата од берзата.
Овој исход отвора нови прашања за одговорноста на јавните личности и влијанието на нивните изјави врз финансиските пазари, особено во време кога социјалните мрежи играат клучна улога во формирањето на инвеститорските очекувања.