До 20% од вработените во Meta би можеле да останат без работа во ново реструктурирање
FILE PHOTO: A smartphone with a displayed Meta logo is placed on a computer motherboard in this illustration taken February 23, 2023. REUTERS/Dado Ruvic/Illustration/File Photo
Компанијата Meta размислува за значително намалување на бројот на вработени, при што отпуштањата би можеле да опфатат 20 проценти или повеќе од работната сила, според информации од извори запознаени со плановите. Овој потег се разгледува како дел од пошироката стратегија на компанијата да ги намали трошоците додека истовремено инвестира огромни средства во развојот на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Иако засега не е утврден точен датум за евентуалните кратења, раководството на компанијата веќе им сигнализирало на дел од повисоките менаџери да започнат со подготовка на планови за намалување на тимовите. Од Meta официјално не потврдуваат конкретни детали, при што портпаролот на компанијата изјави дека станува збор за шпекулативни информации поврзани со можни сценарија.
Доколку компанијата навистина се одлучи за отпуштање на околу една петтина од персоналот, тоа би било најголемото намалување на работната сила по големото реструктурирање во 2022 и 2023 година, период кој извршниот директор Марк Закерберг го нарече „година на ефикасност“. Според последните податоци, Meta на крајот на минатата година имала околу 79 илјади вработени. Во ноември 2022 година компанијата отпушти околу 11 илјади луѓе, а неколку месеци подоцна следеше нов бран со уште 10 илјади отпуштања.
Во последниот период Закерберг силно го насочува фокусот на компанијата кон генеративната вештачка интелигенција и развојот на напредни AI системи. За таа цел Meta нуди исклучително високи плати и бонуси за врвни истражувачи во областа на вештачката интелигенција, а паралелно формира и нов тим посветен на развој на т.н. суперинтелигенција. Компанијата планира и масивни инвестиции во дата центри, со цел изградба на инфраструктура која ќе ги поддржи идните AI модели.
Како дел од оваа стратегија, Meta инвестира милијарди долари во нови технологии и аквизиции, вклучувајќи и купување стартапи и платформи поврзани со вештачката интелигенција. Закерберг во неколку наврати истакна дека напредокот на AI технологијата веќе овозможува задачи кои порано барале големи тимови да ги извршуваат помал број високо квалификувани инженери.
Потенцијалните кратења во Meta се вклопуваат во поширок тренд во технолошката индустрија, каде голем број компании почнуваат да ја намалуваат работната сила поради автоматизација и користење на AI алатки. Во последните месеци слични потези направија и други големи компании, кои сметаат дека новите технологии овозможуваат поголема продуктивност со помал број вработени.
Во исто време, Meta се обидува да ја зајакне својата позиција во AI трката, особено по одредени критики поврзани со претходните верзии на нејзините модели. Новите проекти треба да помогнат компанијата повторно да се позиционира како еден од водечките играчи во развојот на напредна вештачка интелигенција, иако тоа значи и сериозни промени во организацијата и структурата на работната сила.