Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток почнува да ги нарушува и глобалните испораки на железна руда, откако дел од товарите биле пренасочени кон други пазари додека војната ја блокира една од најважните светски поморски рути. Податоците од аналитичката компанија за следење на бродски сообраќај Kpler покажуваат дека најмалку три пратки железна руда од британско-рударската компанија Anglo American и две од бразилскиот гигант Vale ја промениле својата крајна дестинација за време на патувањето. Причината е влошената безбедносна состојба во регионот, која сериозно го нарушува транспортот преку Персискиот Залив. Челичната индустрија на Блискиот Исток во голема мера зависи од увоз на висококвалитетна железна руда која се користи за производство на пелети, важна суровина во процесот на директно редуцирано железо. Овој метод на производство се смета за поеколошки начин за добивање на материјалот од кој подоцна се произведува челик. Оман и Бахреин се меѓу клучните производители на железни пелети во регионот, па секое нарушување на снабдувањето може да има пошироки последици врз пазарот. Според експертите, моменталната геополитичка нестабилност ја открива ранливоста на глобалниот синџир на снабдување, кој и онака е концентриран на мал број производители и транспортни рути. Аналитичарите предупредуваат дека евентуалните проблеми со испораките на суровината или со извозот на пелети од овие производствени центри би можеле брзо да се одразат врз индустријата за директно редуцирано железо. Податоците за бродскиот сообраќај покажуваат дека товарниот брод Cape Shangrila, кој превезувал руда од Anglo American, го сменил курсот од Бахреин кон Сингапур. Бродот Cape Jasmine наместо кон Бахреин се упатил кон Виетнам, додека Mineral Zimbabwe ја променил дестинацијата од Оман кон кинеското пристаниште Кингдао. Два брода на Vale кои биле на пат кон Оман исто така биле пренасочени, при што еден се упатил кон Кина, а другиот кон Малезија. Покрај пренасочувањето на товарите, дел од бродовите биле принудени и привремено да ги прекинат патувањата во близина на Персискиот Залив поради зголемените безбедносни ризици. Овие промени јасно покажуваат како војната на Блискиот Исток ги менува глобалните трговски текови на суровини. Поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец речиси целосно запре по нападите врз бродови во регионот, што следуваше по воздушните напади на САД и Израел врз Иран. Според проценките на финансиската групација Macquarie, земјите од Персискиот Залив во 2025 година произвеле околу 14 милиони тони директно редуцирано железо. Бахреин има двојна улога во овој синџир, бидејќи истовремено увезува суровина за пелети и извезува готови пелети, додека Оман е уште поголем извозник, каде што бразилската компанија Vale има голем производствен капацитет во пристанишниот град Сохар. Аналитичарите предупредуваат дека војната веќе создава притисок врз снабдувањето со железни пелети. Кина, која е најголемиот светски производител на челик, веќе изгуби околу 10 милиони тони годишно снабдување со пелети од Иран, а сега постои ризик од дополнителни проблеми ако производството во Бахреин и Оман биде нарушено. Нервозата на пазарите се одрази и врз цената на железната руда. Фјучерсите за оваа суровина во Сингапур пораснаа за околу 1,3 проценти и достигнаа 105,55 долари за тон, што е највисоко ниво од средината на јануари. Војната дополнително ги зголеми и трошоците за транспорт, бидејќи растат цените на бродскиот превоз и на бункерското гориво што се користи за поморскиот сообраќај. Post navigation Аналитичарите предупредуваат: цената на алуминиумот може да достигне 3.700 долари за тон Палмовото масло расте петти ден по ред поради поскапувањето на нафтата