April 23, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Нова иницијатива на Google: повеќе квалитетна детска содржина со вештачка интелигенција

Google инвестира во нов студиски проект за анимација базиран на вештачка интелигенција, чија цел е создавање квалитетни видеосодржини за деца на платформата YouTube. Иницијативата е дел од пошироката стратегија на технолошкиот гигант да го подобри квалитетот на детските содржини на платформата и да одговори на растечката популарност на видеа создадени со помош на вештачка интелигенција.

Преку својот фонд за иновации во областа на вештачката интелигенција, Google инвестираше еден милион долари во анимациското студио Animaj, кое создава дигитални анимирани видеа за најмладата публика. Според еден од основачите, Sixte de Vauplane, содржините на студиото минатата година собрале повеќе од 22 милијарди прегледи на различни канали. Покрај финансиската поддршка, компанијата ќе добие и раен пристап до напредни верзии на алатките за вештачка интелигенција на Google, меѓу кои се Veo, Gemini и Imagen. Развојните тимови од Google DeepMind и Google Labs исто така ќе соработуваат со студиото за подобрување на технологијата и зголемување на производството на содржини.

Платформата YouTube во последните години стана особено популарна меѓу креаторите кои произведуваат видеа со помош на вештачка интелигенција наменети за деца и бебиња. Овој тренд расте паралелно со зголеменото време што најмладите го поминуваат пред екрани. Сепак, дел од родителите и експертите за детска безбедност изразуваат загриженост поради појавата на таканаречената „AI slop“ содржина, односно видеа создадени со автоматизирани алатки кои често немаат едукативна вредност или смислена содржина.

Иако инвестицијата на Google е релативно мала во споредба со типичните рунди на финансирање во технолошката индустрија, таа има симболично значење. Според Воплен, компанијата сака да поттикне развој на проекти кои ќе покажат дека вештачката интелигенција може да се користи за создавање квалитетни и одговорни детски програми.

Директорот на фондот за вештачка интелигенција во Google, Jonathan Silber, оцени дека Animaj претставува модел за иднината на детската и семејната забава. Тој нагласи дека создавањето безбедна и квалитетна дигитална средина за следната генерација е еден од клучните приоритети на компанијата.

Бумот на генеративната вештачка интелигенција во последните години доведе до огромна количина нови слики и видеа на интернет, но дел од тие содржини се оценуваат како нискоквалитетни или спам. Овој проблем е особено чувствителен на платформи како YouTube и YouTube Kids, кои имаат милионска публика составена од деца, мали деца и бебиња.

Главниот извршен директор на YouTube, Neal Mohan, уште во јануари изјави дека контролирањето на ваквата содржина е еден од главните приоритети на компанијата за 2026 година. Во рамките на тие напори, Alphabet Inc. неодамна објави проширување на пристапот до алатка за препознавање на лик, која им овозможува на корисниците да проверуваат дали нивниот изглед е искористен во видеа создадени со вештачка интелигенција без дозвола. Алатката, која претходно беше достапна само за одредени креатори, сега ќе може да ја користат и новинари, владини претставници и политички кандидати, кои можат да побараат отстранување на спорни видеа.

Студиото Animaj е основано во 2022 година од Gregory Dray, поранешен раководител на YouTube Kids во Европа, и Sixte de Vauplane. Компанијата има амбиција да стане конкурент на Moonbug Entertainment, студио познато по детските хитови како CoComelon и Blippi.

Animaj во меѓувреме работи и на проширување на своето портфолио преку купување и развој на детски брендови. Компанијата досега ги презеде правата за познати анимирани серии како Pocoyo и Maya the Bee. Со поддршка од новите технологии, целта е да се создадат нови анимирани франшизи и ликови кои ќе ја обележат следната генерација детска забава.

Според Воплен, долгорочната визија е со помош на вештачката интелигенција да се создаваат анимирани филмови со висок квалитет, но со значително помалку време и трошоци во споредба со традиционалните методи на продукција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.