Rhoda AI привлекува 450 милиони долари за нова генерација индустриски роботи
Large Production Line with Industrial Robot Arms at Modern Bright Factory. Solar Panels are being Assembled on Conveyor. Automated Manufacturing Facility
Стартапот Rhoda AI обезбеди ново финансирање од 450 милиони долари со цел да развие напреден модел на вештачка интелигенција кој ќе им помогне на роботите поефикасно да извршуваат сложени индустриски задачи. Компанијата верува дека клучот за подобро обучување на роботите се наоѓа во огромната количина видеосодржини достапни на интернет, кои можат да се искористат како извор на податоци за нивно учење.
Инвестицискиот круг го предводеше Premji Invest, а со него вредноста на стартапот достигна околу 1,7 милијарди долари. Во финансирањето учествуваат и инвеститори како Khosla Ventures, државниот инвестициски фонд на Сингапур Temasek Holdings и познатиот венчр-инвеститор John Doerr.
Основач и извршен директор на компанијата е Jagdeep Singh, претприемач кој претходно ја основа и водеше QuantumScape, компанија позната по развојот на цврсти батерии. Според него, сегашните модели на вештачка интелигенција за роботи најчесто се тренираат со податоци добиени преку таканаречена телeоперација, при што луѓе од далечина управуваат со движењата на роботот. Овој пристап значително ја ограничува количината и разновидноста на достапните податоци, бидејќи роботите тешко се прилагодуваат на нови и непредвидливи ситуации.
Rhoda AI смета дека користењето милиони видеа од интернет може да ја надмине оваа пречка. Со анализа на различни сценарија и движења прикажани на видеата, моделот може да научи да препознава предмети и ситуации од повеќе агли и во различни услови. Според Синг, токму ова му овозможува на системот подобро да генерализира и да се снајде во реални услови, каде што околината често е непредвидлива.
Компанијата го нарекува својот пристап „Direct Video Action“, систем кој треба да им овозможи на роботите, како што се роботски раце, да работат и во ситуации кои не се идентични со оние на кои бил обучен моделот. Rhoda AI веќе тестирала ваков систем во фабрика на голема автомобилска компанија, користејќи стандардни компоненти, а планот е технологијата да им се лиценцира на индустриски клиенти.
Покрај софтверот, стартапот развива и сопствени хуманоидни роботи. Намерата е компанијата да произведува и хардвер за да може подобро да ги контролира перформансите на роботите во реални услови, но и да собира дополнителни податоци кои ќе помогнат во понатамошно подобрување на моделите.
Инвеститорите веруваат дека ваквата технологија може да отвори нов бизнис модел во кој роботите ќе се нудат како услуга. Наместо компаниите да ги купуваат, тие би можеле да изнајмуваат роботска опрема и софтвер според потребите на производството. Според претставници на Premji Invest, ваквите решенија би можеле да одиграат значајна улога и во напорите на САД повторно да го зајакнат домашното производство и високотехнолошката индустрија.