Геополитичката неизвесност го погоди Lindt, акциите бележат најголем пад во шест години
Акциите на швајцарскиот производител на чоколади Lindt & Spruengli забележаа најголем пад во последните шест години, откако компанијата ја намали прогнозата за раст на продажбата за тековната година, повикувајќи се на нестабилната геополитичка ситуација и неизвесноста на пазарите.
Во тргувањето во Швајцарија вредноста на акциите падна за дури 9,5 проценти, што претставува најголем еднодневен пад од март 2020 година. Со овој пад практично се избришаа и добивките што компанијата ги оствари од почетокот на годината.
Од компанијата соопштија дека сега очекуваат органскиот раст на продажбата во 2026 година да се движи меѓу 4 и 6 проценти, што е значително пониско од претходната прогноза од 6 до 8 проценти. Сепак, раководството ја задржа целта за оперативната профитна маржа, со образложение дека потрошувачите сè повеќе се ориентираат кон поквалитетни и премиум чоколади наместо кон поголеми количини.
Според аналитичарот Жан-Филип Бершy од инвестициската банка Вонтобел, ревидираната прогноза е резултат не само на тековните геополитички тензии, туку и на неизвесноста околу идниот раст на продажните количини. Тој оценува дека ваквиот развој на настаните може дополнително да ги засили сомнежите кај инвеститорите за способноста на компанијата повторно да го забрза растот на продажбата.
Lindt во изминатиот период се соочи со сериозни предизвици, пред сè поради рекордно високите цени на какаото и послабата побарувачка на некои од нејзините главни пазари. Во 2025 година компанијата ги зголеми цените на своите производи за околу 19 проценти, откако цената на какаото во претходната година достигна историски максимум. Иако оваа мерка помогна да се ублажи притисокот од растечките трошоци, таа воедно влијаеше и врз намалувањето на обемот на продажба.
Во меѓувреме, пазарот на какао забележа значителна корекција. Фјучерсите на оваа суровина се намалија за повеќе од половина во последните шест месеци, откако во декември 2024 година достигнаа врвни нивоа.
Покрај ревидираната прогноза за продажба, компанијата најави и програма за откуп на сопствени акции во вредност до една милијарда швајцарски франци, односно околу 1,3 милијарди долари. Со овој потег Lindt настојува да ја зајакне довербата на инвеститорите и да обезбеди дополнителна поддршка за вредноста на своите акции на пазарот.