Cooling tower

Експлозивниот раст на дата центрите, поттикнат од вештачката интелигенција и дигитализацијата, сè почесто ја отвора темата за нивната потрошувачка на електрична енергија. Но зад енергетската дебата тивко се наметнува уште еден предизвик – водата.

Големите објекти исполнети со сервери мора постојано да се ладат за да функционираат без прекин. Во САД, но и во многу други делови од светот, водата е клучен дел од системите за ладење. Додека вниманието на јавноста досега главно беше насочено кон влијанието врз електроенергетската мрежа, сè повеќе заедници, особено во региони со ограничени водни ресурси, почнуваат да го преиспитуваат и водниот отпечаток на оваа индустрија.

Компании како Microsoft Corp и Alphabet Inc тврдат дека прават значителни чекори кон поефикасно користење на ресурсите. Новите системи за ладење, како таканареченото „директно ладење на чип“, овозможуваат течноста да се насочи таму каде што е најпотребна, наместо да се лади целиот простор. Според проценките на Microsoft, ваквиот пристап може да заштеди повеќе од 125.000 кубни метри вода годишно по дата центар.

Сепак, просечен хиперскал дата центар од 100 мегавати во САД троши околу два милиона литри вода дневно – количина споредлива со потрошувачката на неколку илјади домаќинства. Повеќе од половина од таа вода, според анализите на Меѓународната агенција за енергија, индиректно се користи за производство на електричната енергија што ги напојува серверите и за производството на полупроводници.

Тука лежи суштината на проблемот. Јагленот како извор на енергија има огромен воден интензитет, додека обновливите извори и природниот гас трошат значително помалку. Ако голем дата центар се напојува од електрана на јаглен, неговиот индиректен воден отпечаток драматично се зголемува. Преминот кон обновливи извори може значително да го намали овој товар, но динамиката на енергетската транзиција е неизвесна, а побарувачката за струја од дата центрите продолжува да расте.

Дополнителен притисок создава и индустријата за чипови. Современите полупроводници, неопходни за напредните системи за вештачка интелигенција, бараат сложени процеси на чистење и обработка со ултра чиста вода. За производство на еден кубен метар таква вода потребни се повеќекратно поголеми количини обична вода. Според анализите на компанијата Xylem Inc., потребите на секторот за полупроводници би можеле да пораснат за повеќе од 600 проценти до 2050 година.

Иако директната потрошувачка на вода од дата центрите не е најголемиот дел од вкупниот раст на побарувачката поврзан со вештачката интелигенција, проблемот е силно локален. Голем дел од новите објекти се градат во подрачја кои веќе се соочуваат со висок степен на воден стрес. Таму секој нов индустриски корисник може да ја засили конкуренцијата меѓу индустријата, земјоделството и домаќинствата.

Компании како Amazon.com Inc веќе инвестираат во технологии за откривање истекувања и подобро управување со водоводните системи во градови како Мексико Сити и Монтереј, со цел да се намалат загубите на вода. Производители на чипови, како Intel Corp., кофинансираат постројки за рециклирање отпадни води во региони каде што имаат големи производствени капацитети.

Сепак, експертите предупредуваат дека водата сè уште е „задна мисла“ во планирањето на новите дата центри. Капацитетот на овие објекти се мери во мегавати и гигавати, додека водниот отпечаток ретко е дел од јавната расправа сè додека не се појави криза. Подобрувањата во ефикасноста можат да помогнат, но ако изградбата продолжи со сегашното темпо, вкупната побарувачка за вода ќе расте.

Како што вештачката интелигенција станува столб на глобалната економија, прашањето повеќе не е дали дата центрите ќе трошат вода, туку дали индустријата и локалните власти ќе успеат навреме да го интегрираат управувањето со водните ресурси во своите стратегии. Во спротивно, следната голема расправа околу дигиталната инфраструктура можеби нема да биде за струјата, туку за водата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *