Пазарот на роботи и автономни машини управувани од вештачка интелигенција би можел да порасне до вредност од еден трилион долари до 2035 година – повеќекратно повеќе од денешното ниво, проценуваат аналитичарите на Барcлејс во извештај насловен „Деценијата на роботот“.

Според тимот предводен од Зорница Тодорова, раководител на тематско истражување во сегментот фиксни приходи во Барclејс, напредокот во „мозоците, мускулите и батериите“ ги турка роботиката и физичката вештачка интелигенција кон пресвртна точка што ќе ја обликува инвестициската агенда во следната деценија.

Автономните возила, кои веќе се технолошки најнапредни, се очекува да бидат двигател на растот, по што следуваат дроновите, а потоа и посложените хуманоидни роботи со општа намена.

Аналитичарите оценуваат дека развојот на роботиката означува премин од дигитално фокусирана вештачка интелигенција кон таканаречена „физичка АИ“ – технологии што делуваат во реалниот свет. Овој поместен фокус создава подлабок и поразновиден синџир на вредност во споредба со првиот бран на АИ-производи.

Иако Кина моментално доминира во распоредувањето на индустриски и хуманоидни роботи, Барcлејс идентификува речиси 200 јавно котирани компании што би можеле да имаат улога во овој тренд во следната деценија.

Меѓу потенцијалните клучни играчи се и автомобилските производители. Мерцедес-Бенц веќе го користи софтверот „Омниверз“ на Нвидија за виртуелно преуредување на фабриките со минимални прекини во производството, додека Тесла сè поотворено ги истакнува своите амбиции во роботиката.

Технологијата зад овој бум се потпира на напредни полупроводници и инфраструктура, каде значајна улога имаат компании како Тајван Семикондактор Манјуфакчуринг, Самсунг Електроникс и Нвидија. Клучни се и производителите на батерии, како кинеските ЕВЕ Енерџи и КАТЛ, кои ја обезбедуваат енергетската основа за автономните системи.

Аналитичарите издвојуваат и таканаречени „овозможувачи“ – компании што или директно градат роботи, како Тесла, или го обликуваат поширокиот екосистем преку развој на технологии, како Амазон.

Токму во логистиката и трговијата веќе се гледаат првите големи поместувања. Амазон има повеќе од еден милион роботи во својата мрежа на дистрибутивни центри, што според проценките е само дел од долгорочниот потенцијал. Слични процеси се одвиваат и во работењето на Волмарт.

Според Барcлејс, следната деценија би можела да донесе трансформација не само на технолошкиот сектор, туку и на индустријата, транспортот и малопродажбата – со роботите како централна алка во новата економска архитектура.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *