Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот забележаа остар пад, губејќи повеќе од еден процент, откако продолжи распродажбата на акциите на водечките технолошки компании. Под најсилен притисок останаа акциите на Microsoft, Amazon, Nvidia и Alphabet, кои веќе неколку дена се во фокусот на загрижените инвеститори.

Индустрискиот индекс Dow Jones се намали за 1,20 проценти и се спушти на 48.908 поени, додека поширокиот S&P 500 ослабе за 1,23 проценти, завршувајќи на 6.798 поени. Најголеми загуби забележа технолошкиот Nasdaq, кој потона за 1,59 проценти, на 22.540 поени, достигнувајќи го најниското ниво од ноември минатата година.

Падот на Nasdaq е директна последица на слабеењето на довербата во технолошкиот сектор, кој по повеќегодишен силен раст сега се соочува со прашања околу реалната вредност на своите акции. Сè почесто се слушаат сомнежи дека дел од компаниите се преценети, особено по бурниот раст поттикнат од ентузијазмот околу развојот на вештачката интелигенција.

До неодамна, секоја најава за зголемени вложувања во ВИ беше дочекувана со раст на цените на акциите. Но, пазарното расположение очигледно се менува – инвеститорите сè повеќе се прашуваат кога и дали овие масовни инвестиции ќе почнат да носат конкретни финансиски резултати.

Иако Alphabet во четвртокот објави подобри квартални резултати од очекуваното, акциите сепак паднаа откако компанијата соопшти дека планира значително зголемување на инвестициите во вештачка интелигенција, речиси двојно повеќе во споредба со минатата година. Пазарите го протолкуваа овој чекор како дополнителен ризик за профитабилноста на краток рок.

Уште посилен удар доживеа Amazon. Акциите на компанијата веќе пред објавувањето на финансиските резултати загубија над 4 проценти, а по затворањето на берзата паднаа за дополнителни 10 проценти во продолженото тргување, откако компанијата најави агресивен инвестициски циклус за тековната година.

„Сведоци сме на период во кој големите технолошки компании, како Microsoft, Alphabet и Amazon, масовно вложуваат, а инвеститорите сè уште немаат јасна слика какви ќе бидат повратите од тие инвестиции“, изјави Том Хејнлин, стратег во U.S. Bank Wealth Management.

Притисокот не е ограничен само на технолошките гиганти. Во последните денови под удар се и софтверските компании, бидејќи забрзаниот развој на вештачката интелигенција отвора дилеми за тоа како ќе се промени целата индустрија. Како резултат на тоа, секторскиот индекс на S&P 500 за софтвер и услуги падна седми ден по ред, со вкупна загуба од 4,6 проценти.

„Инвеститорите почнуваат да сфаќаат дека вештачката интелигенција нема да биде подеднакво корисна за сите. Таа ќе донесе значителни придобивки за одредени компании, но за други, особено во софтверскиот сектор, може да значи сериозен предизвик“, оцени Мелиса Браун, директорка во SimCorp.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *