САД најавуваат стратешки резерви на критични минерали вредни 12 милијарди долари за намалување на зависноста од Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп најави формирање на стратешки државни резерви на ретки земни елементи и други критични минерали, вредни околу 12 милијарди долари, како дел од поширока стратегија за намалување на зависноста на САД од Кина. Пекинг во моментов има доминантна улога во глобалната преработка и снабдување со овие суровини, кои се клучни за современата индустрија и технолошкиот развој.
Говорејќи синоќа во Белата куќа, Трамп истакна дека целта на резервите е да се обезбеди стабилност во снабдувањето и да се спречат потенцијални недостигнувања кои би можеле да ги погодат американските компании, особено во услови на геополитички тензии и нарушени глобални синџири на снабдување.
Според најавениот модел, најголемиот дел од средствата – околу 10 милијарди долари – ќе бидат обезбедени преку американската државна банка „Export-Import“, додека преостанатите две милијарди долари ќе дојдат од приватниот сектор. Со оваа комбинација на јавно и приватно финансирање, администрацијата очекува побрзо воспоставување и одржување на резервите.
Американските компании ќе имаат можност да купуваат критични минерали од овие резерви по однапред утврдени цени, што треба да ги заштити од нагли ценовни скокови и глобални прекини во снабдувањето. По користењето на резервите, компаниите ќе бидат обврзани повторно да ги надополнат, со што системот би функционирал како долгорочен заштитен механизам, пренесува германската агенција ДПА.
Ретките земни елементи имаат клучна улога во производството на магнети, електрични возила, батерии, електроника и воена опрема, додека меѓу другите критични минерали се вбројуваат и литиумот и кобалтот – неопходни за транзицијата кон зелена енергија и развојот на високотехнолошки индустрии.
Трамп додаде дека САД веќе работат на склучување билатерални и мултилатерални договори за обезбедување пристап до критични минерали со земји од различни делови на светот. Во таа насока, американскиот Стејт департмент соопшти дека утре во Вашингтон ќе се одржи меѓународен состанок на оваа тема, на кој се очекува учество на делегации од повеќе од 50 земји.