Агенцијата за електронски комуникации донесе одлука со која компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, дел од унгарската 4iG групација, е избрана за најповолен понудувач на јавниот тендер за избор на трет мобилен оператор во Македонија. Со оваа одлука формално се отвора патот за првпат по повеќе години на пазарот да влезе нов мрежен оператор, со што се најавува крај на долгогодишниот дуопол во мобилната телефонија. Од АЕК информираат дека со денешната одлука започнува да тече рок од 10 дена во кој избраниот оператор треба да го уплати еднократниот надомест за користење на трите радиофреквенциски опсези. Вкупниот износ изнесува 8.020.003 евра и се однесува на доделените одобренија за фреквенциските опсези A1, B1 и C1. Почетната пазарна вредност за одобрението A1 изнесува 4,2 милиони евра, за B1 – 1,5 милиони евра, додека за C1 – 2,32 милиони евра. По извршената уплата, АЕК ќе може да го издаде одобрението за користење на радиофреквенциите, по што новиот оператор ќе добие можност веднаш да започне со активности. Во почетната фаза, компанијата може да побара пристап до постојните мрежи на другите оператори, сè додека не ја изгради сопствената инфраструктура. Обврските што ги презема новиот мобилен оператор се дефинирани со јасни рокови. До крајот на март 2027 година, компанијата мора да обезбеди 5G-покриеност во најмалку еден град. До крајот на 2028 година, со непрекинат 5G сигнал треба да бидат покриени главните транспортни коридори, во согласност со Договорот за воспоставување транспортна заедница. До 2030 година, 5G мрежата треба да ги опфати сите градови во земјата, а најдоцна до крајот на 2032 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина од 100 мегабити во секунда. Носителот на овластувањето е должен да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна една година од денот на стапување во сила на одобрението. Во области со слаба или непостоечка покриеност, доколку планира изградба на нови базни станици, операторот ќе треба да се консултира со другите компании за можноста за заедничко инвестирање. Дополнително, ќе има обврска да овозможи пристап до својата пасивна инфраструктура, врз основа на разумни и оправдани барања од други оператори. Уште при отворањето на тендерот, извршниот директор на „Оне Македонија“, Бране Ѓуровиќ, изјави дека компанијата ќе започне со подготовките за воспоставување нова мобилна мрежа веднаш по официјалната одлука. Како ориентациски рок беше посочен крајот на 2026 година, до кога мора да започне обезбедувањето услуги во најмалку еден град, со можност тоа да се случи и порано. Важноста на одобренијата за користење на радиофреквенциите A1 и S1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, додека одобрението V1 ќе важи осум години, до 2033 година. Овој временски распоред е направен со цел усогласување со претходно издадените одобренија на постојните оператори. Од АЕК оценуваат дека влезот на трет мрежен оператор ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата, подобрување на квалитетот на услугите и потенцијално намалување на цените. Недостатокот од конкуренција беше редовно нотирана забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Процесот за воведување трет мобилен оператор започна кон крајот на 2024 година, кога 4iG групацијата, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, достави писмо за намера до АЕК. Во тоа време, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека ваквиот чекор може да означи крај на двооператорскиот модел на пазарот и да донесе пониски цени за корисниците. На 22 април 2025 година, АЕК спроведе јавна расправа, по што беа доставени писма за интерес од повеќе компании. Во јули истата година беше распишан јавниот тендер за доделување радиофреквенции во опсезите 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz, кој заврши со изборот на „Оне Македонија“ како најповолен понудувач. Во моментов, на македонскиот пазар како мрежни оператори функционираат „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, додека преку виртуелни модели услуги нудат уште неколку компании. Според последните податоци на АЕК, заклучно со третиот квартал од минатата година, бројот на активни мобилни претплатници изнесува над 2,1 милион. Најголем дел од пазарот го држат двата големи оператори, и според бројот на корисници и според приходите од мобилни комуникациски услуги. Влезот на трет мобилен оператор се очекува да донесе нова динамика на пазарот и да ја промени структурата на конкуренцијата во наредните години. Post navigation Визија без пензија: што навистина значат пораките на Илон Маск Промена на лидерството во „Хајнекен“: што значи заминувањето на ван ден Бринк за компанијата