Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во декември 2025 година во однос на претходниот месец изнесувала 0,4 %. Кога се споредува целата 2025 година со 2024 година, индексот на трошоците на животот забележал пораст од 4,1 %, додека индексот на цените на мало се зголемил за 3,6 %. Растот на трошоците на животот во текот на минатата година не беше рамномерен за сите категории. Најизразен пораст е забележан кај ресторани и хотели, каде цените скокнале за 7,2 %, следат рекреација и култура со 6,4 %, како и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици со 5,9 %. Храна и безалкохолни пијалаци поскапеа за 5,2 %, а мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 4,6 %. Други категории, како разновидни стоки и услуги, облека и обувки, здравје, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, комуникации, транспорт и образование, исто така бележат пораст, но во различни опсези од 0,1 до 3,7 %. Во однос на ноември 2025 година, најголемото зголемување на трошоците беше забележано кај транспортот, со скок од 5,8 %, додека рекреацијата и културата пораснаа за 0,8 %, здравјето за 0,7 %, а мебелот и домаќинската покуќнина за 0,5 %. Ресторани и хотели пораснаа за 0,4 %, домувањето и комуналиите за 0,2 %, додека разновидните стоки, како и алкохол и тутун, се зголемија за 0,1 %. Сепак, некои категории забележаа намалување на трошоците: храна и безалкохолни пијалаци поевтинија за 0,4 %, а облека и обувки за 0,2 %. Образованието и комуникациите останаа на исто ниво како претходниот месец. Индексот на трошоците на животот за декември 2025, споредено со декември 2024, покажува зголемување од 4,1 %, додека индексот на цените на мало се искачи на 3,7 %. За декември во однос на ноември 2025, индексот на цените на мало изнесуваше 101,9, што укажува на умерен месечен раст. Post navigation Волстрит под притисок: Dow Jones паѓа, Nasdaq расте поради технолошките акции Хуанг од Нвидија го прифаќа данокот за милијардери