Во ерата на дигиталната комуникација, класичните писма и ковертите речиси исчезнаа од секојдневието. Денес тие најчесто доаѓаат од институции – опомени, сметки за струја или вода, или различни известувања – и дури и тие услуги сè почесто се заменуваат со електронски известувања. Сепак, поштенската индустрија не исчезнала, напротив, таа се трансформира и станува еден од столбовите на логистиката и е-трговијата. Брзината, доверливоста и прецизното следење на пратките стануваат новите „поштенски марки“ за време кога времето и ефикасноста се најголеми вредности. Пазарот на поштенските услуги во Македонија бележи солиден раст и адаптација на новите услови. Според податоците на Бизнис Мрежа, во 2024 година 108 компании во секторот оствариле вкупен приход од 46,8 милиони евра, што е за 12,5% повеќе во однос на претходната година. Добивката се зголемила за 27,3% и изнесувала 1,4 милиони евра, а издвојувањата за плати месечно скокнале за 68,2%. Сепак, бројот на вработени се намалил за околу 5%, односно од 2.751 на 2.619 лица, што покажува дека растот во приходите не секогаш оди рака под рака со проширување на тимовите. Мал број компании ја држи главната тежина на пазарот. Десетте најголеми играчи заедно оствариле 91% од вкупниот приход, или 42,5 милиони евра. Пет компании, меѓу кои државната Пошта на Северна Македонија и ДХЛ Експрес Македонија, доминираат со 83,5% од вкупниот промет, при што Поштата остварила 20,4 милиони евра, а ДХЛ 11,2 милиони евра. Останатите пет компании од топ 10 не заостануваат значително, а нивните приходи никогаш не паднале под половина милион евра. Особено впечатлив е примерот на РСЕ Оптима од Скопје, која лани забележала раст од неверојатни 12.651,87%, со приход што се искачил од само 5,8 илјади евра преклани на 738,2 илјади евра. Други компании исто така бележат значителен пораст, од 5 до 57%, како што се случаите со Карго Експрес од Битола и Еко Логистик Сервис. Пад на приходите се забележува кај Македонска пошта (‒0,55%) и ИН Тиме МК БПС од Илинден (‒7,98%). Сè поголемите предизвици на пазарот, растот на е-трговијата и потребата за брзина ги тераат компаниите во поштенскиот сектор да се прилагодуваат, да воведуваат нови технологии и да инвестираат во услуги што гарантираат сигурност и точност на пратките. Поштенските услуги во Македонија покажуваат дека дури и во дигиталната ера, класичниот сектор на логистиката останува витален дел од економијата, нудејќи стабилност, иновации и можности за развој на локалниот пазар. Post navigation Ericsson го дуплира профитот со продажбата на Iconectiv и најавува нова ера за акционерите Индија го стопира увозот на руска нафта: Русија соочена со сериозен удар врз приходите