На македонските градилишта веќе не се слушаат само познатите мајсторски досетки на мајчин јазик. Последниве години, сликата се менува – се слушаат различни јазици, се појавуваат нови навики, а дисциплината, велат газдите, никогаш не била поголема. Сè повеќе домашни градежни компании ангажираат странски работници – луѓе кои, според сопствениците на фирмите, покажуваат поголема посветеност, организираност и работна етика од домашната работна сила. „Дел од странските работници ангажирани во домашните компании, особено во градежниот сектор, покажуваат поголема продуктивност и посилна работна етика од локалната работна сила“, изјави Нухи Алиу, претседател на Комората на Северозападна Македонија. Според него, интересот за ангажирање странци постојано расте, бидејќи домашниот пазар веќе не може да ги задоволи потребите на градежните компании. „Тука тие луѓе го покажуваат своето знаење и труд, и вредат повеќе од нашите работници“, додава Алиу. Зад оваа констатација стојат бројки што го покажуваат вистинскиот обем на проблемот. Македонија моментално се соочува со недостиг од околу 20.000 градежни работници, а дури 70% од нив треба да бидат стручно обучени мајстори. Според последните анкети за пазарот на труд, дефицитот на компетентен кадар во градежништвото изнесува околу 12%. Газдите велат дека увезените работници, иако често доаѓаат од сиромашни земји, работат со сериозност што ретко се среќава на домашен терен. „Не се жалат, доаѓаат на време, си ја знаат работата. Се гледа дека се навикнати да функционираат во структура, со јасна хиерархија“, вели сопственик на скопска градежна компанија, кој побара да остане анонимен. Од друга страна, домашната работна сила се проретчува. Дел од мајсторите заминуваат во странство по подобра плата, други се префрлаат во сектори со полесни услови и поголема стабилност. На градилиштата остануваат мал број искусни мајстори, а младите ретко се одлучуваат за занаетчиски професии. „Нема доволно луѓе на кои можеш да се потпреш“, коментира еден надзорник на објект во Аеродром. „Многумина бараат работа, ама кога ќе ја добијат, не остануваат. Се губи чувството за одговорност“. Сликата што ја опишуваат градежниците покажува подлабок општествен проблем – губење на работната култура и недостиг на вреднување на трудот. Токму затоа, ангажманот на странски работници не е само економска потреба, туку и огледало на тоа како се менува односот кон работата во македонското општество. И додека јавноста дебатира дали увозот на работна сила е решение или закана, на терен сè е јасно – тие луѓе „си молчат и си работат“. За газдите тоа е најважното. А за градежништвото кое се соочува со хроничен недостиг на кадар, тие станаа вистински погодок. Post navigation Од фабрика до полица: Како Диор и Армани заработуваат илјадници на чанти по стотици долари Германија предлага олабавување на забраната за мотори со внатрешно согорување – хибридите добиваат нова шанса