Пишувањето е повеќе од занает – тоа е патување низ емоции, искуства и вистини што авторите ги преточуваат во зборови. По повод Светскиот ден на писателите, разговараме со Анита Петрова, авторка од Кочани, која преку своите книги „Ти не си тој“ и „Нулта точка“ ја освојува читателската публика. Со неа зборувавме за нејзините почетоци, инспирацијата зад романите и предизвиците на пишувањето. Како започна Вашата писателска приказна и што Ве инспирираше да ја напишете првата книга „Ти не си тој“? Мојата желба за пишување не е тајна , обожував да пишувам уште од мали години , не само проза туку и поезија , но со Ти не си тој се афирмирав како автор .Потребата да ги ставам на хартија сите мисли и емоции што долго ги носев во себе беше темел за создавање на романот „Ти не си тој“ / Тоа е книга инспирирана од реални љубовни приказни, од оние моменти кога мислиме дека сме ја нашле вистинската личност, а потоа сфаќаме дека сме биле заслепени од сопствените очекувања. Тоа е романса, но не само за љубовта кон друг, туку и за љубовта кон себе – за лекциите што ги учиме преку односите со другите. Какво беше чувството кога ја држевте во раце својата прва објавена книга? Тоа беше посебен миг се сеќавам дека ја вртев во своите раце , а очите ми се наполнија со солзи радосници .Тоа е незаборавно чувство – мешавина од возбуда, гордост и доза на страв. Како да пуштате во светот нешто многу лично, но истовремено сакате луѓето да се пронајдат во тоа и да го доживеат на свој начин. Што симболизира насловот „Нулта точка“ и каква е пораката што сакате да ја пренесете? „Нулта точка“ е моментот кога животот ве враќа на самиот почеток, каде што мора да се соочите со своите најголеми стравови, болки и вистини. Тоа е точката на преиспитување, но и на можност за нов почеток. Пораката е дека дури и кога ќе се изгубиме себеси , својот правецот, смислата на животот , можноста за нов почеток сеуште е овде . Како се разликува „Нулта точка“ од „Ти не си тој“ во однос на темите, стилот и емоциите? Разликата меѓу овие две книги е огромна. „Ти не си тој“ се фокусира на емоционалните односи, романтичните очекувања и разочарувањата. Има поблага емоционална нишка и дава надеж дека љубовта, и покрај сите пречки, може да нè промени на подобро. Од друга страна, „Нулта точка“ е психолошка драма што оди подлабоко во човечката психа. Темите што ги обработува се потешки – идентитет, загуба, траума и пресвртните точки што го менуваат животот. Емоциите се посилни, сурови, а приказната нема за цел да утеши, туку да го натера читателот да се соочи со своите најдлабоки мисли. Кои лични искуства или размислувања најмногу влијаеја врз пишувањето на оваа книга? „Нулта точка“ произлезе од лични моменти на преиспитување, од периоди кога се чувствував изгубено и кога морав да го пронајдам патот наназад до себе. Верувам дека секој човек барем еднаш се нашол на такво место – каде што сè што знаел почнува да се распаѓа, а единственото што му останува е да одлучи како ќе продолжи. Каков беше процесот на создавање на „Нулта точка“? Се соочи ли со креативни предизвици? Пишувањето на „Нулта точка“ беше предизвик, затоа што бараше голема емоционална искреност. Не можев да напишам таква приказна без самата да поминам низ неа на некој начин. Имаше моменти кога зборовите не доаѓаа, кога се прашував дали премногу длабоко навлегувам, но на крајот сфатив дека токму таа автентичност ја прави приказната вистинска. Дали имате некои ритуали или навики кога пишувате? Обично пишувам ноќе, кога мислите ми се најчисти и тишината ми дозволува да се поврзам со приказната. Често слушам музика без текст – пијано или звуци од дожд, затоа што тоа ми помага да останам во тој емотивен простор. Но често знам и кога ке ми надојдат мисли да ги запишам за да подоцна ги обработам . Работите ли веќе на нови проекти и што може да очекуваме понатаму од Вас? Да, веќе работам на нова книга што ќе биде можеби најличната досега. Се обидувам да спојам елементи од двете мои досегашни книги – да има емоционална длабочина, но и приказна што ќе допре до срцата на читателите. Кој совет би им го дала на младите автори кои сакаат да го споделат својот глас со светот? Да пишуваат без страв. Да не размислуваат дали ќе бидат доволно добри, затоа што единственото важно е да бидат искрени. Приказните што доаѓаат од срце секогаш го наоѓаат свој пат до вистинските читатели. Post navigation Дебелината како предизвик на современиот свет: Влијанието врз здравјето, општеството и секојдневниот живот