Иран се заканува со напади врз дата-центри на Блискиот Исток
Иран најави можни нови напади врз дата-центри на Блискиот Исток како одговор на, како што тврди, заканите и воздушните удари од страна на САД. Според изјава на иранската војска, доколку Вашингтон продолжи со најавите за напади врз цивилна инфраструктура, Техеран ќе возврати со таргетирање на американски енергетски и технолошки објекти во регионот.
Пораката беше дополнително засилена преку видео објавено кон крајот на минатата недела, а широко споделено во јавноста во неделата, во кое се појавува воениот портпарол Ебрахим Золфагари. Во видеото се прикажува глобус кој постепено се фокусира на еден дата-центар во Обединетите Арапски Емирати, проследен со порака дека „ништо не останува скриено“, алудирајќи на способноста на Иран да идентификува потенцијални цели.
Станува збор за проектот „Stargate“, вреден околу 500 милијарди долари, зад кој стојат технолошки гиганти како OpenAI, SoftBank и Oracle. Иницијативата беше претставена на почетокот на 2025 година со цел изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција, но уште од стартот се соочи со финансиски предизвици и дополнителни трошоци поврзани со трговските тарифи. Во меѓувреме, проектот започна да се проширува и надвор од САД, вклучително и на Блискиот Исток.
Ескалацијата доаѓа во чувствителен момент, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека САД би можеле да погодат иранска цивилна инфраструктура, како електрани и постројки за десалинизација на вода, доколку Техеран не го отвори повторно Ормускиот Теснец. Овој стратешки морски премин е од клучно значење за глобалната трговија и веќе предизвикува сериозни нарушувања во синџирите на снабдување од почетокот на конфликтот во февруари.
Во меѓувреме, последиците од судирите веќе се чувствуваат на терен. Според достапните информации, неколку дата-центри во регионот биле погодени од ракетни напади. Меѓу нив се објекти поврзани со Amazon Web Services во Бахреин, како и дата-центар на Oracle во Дубаи. Иран дополнително упати закани и кон водечки технолошки компании како Nvidia и Apple, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на дигиталната инфраструктура во регионот.
Ситуацијата укажува на нова фаза во конфликтот, каде што покрај традиционалните цели, сè поголемо значење добиваат и технолошките капацитети како критична инфраструктура со глобално влијание.