Илија Илов е доказ дека храброста да се почне од нула и решителноста да се следи својот пат можат да го променат животот. Од манекен и актер во Македонија, каде што се соочуваше со ограничувања и застарени правила на модниот свет, Илија направи радикален пресврт и замина во Америка, носејќи со себе само амбиција, труд и непоколеблива вера во сопствените способности. Денес, тој е менаџер во една од најголемите онлајн аукциски компании во Индијана, кој гради успешен бизнис и инвестициски портфолио, додека своето искуство и филозофија за финансиска слобода ги споделува со младите кои сакаат да ја бараат својата шанса во светот. Во ова интервју, Илија открива како се одлучил да го напушти познатиот свет на модата во Македонија, како ја изградил кариерата во САД и кои се неговите принципи за успех, ризик и инвестирање.

Илија, имате зад себе кариера како манекен и актер во Македонија. Кој беше клучниот момент кога одлучивте да ја оставите таа професија и да започнете сосема нов живот и кариера во Америка?  

 Полека ми згаснуваше кариерата, јас бев познато лице, но без модни ангажмани. Модниот свет беше заситен од мојот лик. Тогаш модата им припаѓаше на дизајнерите, а моделите требаа да се безлични. Ретки во светот беа тие кои беа препознатливи, имаа статус на ѕвезди и годишно се појавуваа на неколку настани. За добро да котираш мораше да имаш лоби и припадност. Почна да ми биде одвратна етикетацијата. Веќе не се гледав како некој што може да биде објект во сопствениот живот. 

Америка дојде како последица на доасада и себе-барање!

Колку беше тешка одлуката да заминете во САД и да започнете од нула? Дали имавте план или повеќе се водевте по интуиција?

Одлуката беше донесена без размислување, бев лут на себе, на општеството во кое бев осуден на просек. Со голема тага и бес заминав. Но лутината само ми создаваше гнев.За првпат уживав да бидам самодеструктивен. Немав финански тегоби ниту бев дојден сам. Првата година беше ужасна, борба со самиот себе и општественото прифаќање. Оддеднаш си нов и има нови правила. Тоа беше година на самоиспитување и исцелување. Морав да застанам и да се борам за себе, веќе ништо не беше блиско и опипливо, јазикот не беше мој. Требаше да работам и да обезбедам место за мене. Сите ние во Егзил на почеток сме несреќни на ист начин! Потоа ја запознав мојата сопруга и се смени сеʼ! Одеднаш дојде пролет. 

Денес работите во една од најголемите онлајн аукциски компании во Индијана. Како изгледаше вашиот кариерен пат таму – од првите чекори до менаџерска позиција?

Почнавме без идеја дека сакаме да направиме нешто големо. Не бевме свесни кога бизнисот не надрасна. Почнав како прв вработен во TML, со Алек и Ник почнавме во мал магацин во кој основавме онлине аукција. Беше тешко, но македонскиот инат, работливост и желбата за успех беа поголеми од искушението. Треба напорно да се работи додека работата ти стане хоби. Аукциската куќа бара констанитни промени. Треба да се донесат одлуки, но и брзо да се корегираат. Секоја недонесена одлука е полоша од лоша одлука. Ние тројца работевме финансии, маркетиниг, човечки ресурси, обука, однос и менаџирање со клиенти… и по 11 години  www.tmldeals.com  стана водечка онлине аукција во Индијана, денес броиме повеќе од 60 вработени, дневна посета на сајтот од 30000 луѓе и неделно се продаваат повеќе од 10 000 производи. 

Често велите дека финансиското богатство е круг. Може ли да ни објасните што точно значи оваа филозофија и како ја применувате во вашето секојдневие?

Финанската стабилност е стратегија која се состои од напад и одбрана. Едноставно е, достижно е, треба трпеливост анализа и константно вложување. 

Ова се чекорите кои јас ги имплементирам во градењето на мојата финансиска слобода. 

Го знам моето позиционирање во општеството и колку пари се доволни да се одржи мојот животен стил на месечна база. Направив “ emergency” фонд кој во случај на губење на работата или било каква финансиска тегоба ќе ги покрие моите трошоци за 6 месеци. За овој фонт ми требаа 4 години, во овој период секое  материјално задоволство го избегнував или потиснував. Кога успеав да соберам пари, веќе престанав да ги гледам како вредност, туку како средство. Нападот кон множењето и размножувањето на сретствата зависи од возраста, јас имам голем праг на ризик затоа што сум сеуште млад. Секое вложување е заштита со која ја купувате финансиската слобода.

Вложувате во луксузни недвижности, акции и благородни метали. Како ги носите одлуките за инвестирање и што би им препорачале на младите од Македонија кои сакаат да почнат?

Јас започнав со вложување во недвижности, потоа продолжив на берза, но активно сум вклучен во вложување на благородни метали, уметност, антиквитети и најголема пасија ми се часовниците. 

Одлуките ги носам за иднината, не за задоволството денес. Парите доколку не го контролираат вашиот живот се ваша благодет. Тие бараат внимание и нега. 

На сите им препорачувам да почнат вложување во берза, можат да почнат и виртуелно со фиктивни пари, за да стекнат искуство и да се навикнат да победуваат! Најмалку ризик има во пасивно инвестирање на берзата, на почеток во фондови како S&P 500, со тек на  време ќе најдат неколку компании, во кои ќе веруваат и ќе ги вложуваат своите сретства. И нема промени преку ноќ, за се треба време! Оваа стратегија раѓа плодови по 7-10 години. За почетници не препорачувам благородни метали, ниту недвижности, затоа што рокот на оплодениот капитал е далеку поспор и неопиплив. Стравот не постои, тоа го измисливме ние исплашени од помислата што се можиме! Почни да инвестираш! 

Бидете спремни за прилики и храбри во неприлики! Никој нема да ве негради во создавање на проблеми, туку во решавање на истите!

Која е најголемата разлика што ја забележавте во односот кон парите, работата и успехот помеѓу Македонија и Америка?

Во Македонија, филозофијата на парите е дека тие не се за нас! Тие припаѓаат само на одредена група луѓе, кои не по нивна вина се родиле богати. Ние тоа уверување го наследивме од нашите, дека ние не заслужуваме да живееме лагодно само затоа што сме добри битија и парите се извор на зло! Ние се плашиме да сме среќни! Ќе треба време да се смени ставот, но има нов бран на идеи кои лебдат и ни кажуваат дека сопствената среќа зависи и од нас!

Овде во Америка, 60% од населението инвестира, овде не е грев да возиш Ферари, ниту да банкротираш. 

Ние негуваме филозофија во која најголем грев е неуспехот, додека овде доколку паднете Вие сте побогати за уште едно искуство. Ние не простуваме успех, а се кикотиме на неуспехот!

Што би им порачале на младите луѓе кои се двоумат дали да останат тука или да ја бараат својата шанса во странство? Кога ризикот е оправдан? 

Ризикот е оправдан во обата случаи. Светот е глобалено село и од кај нас можеш да најдеш решение за проблемот на еден Кинез, Индиец или Американец. И од кај нас твојот глас може да би де чуен. Америка ме научи дека сеʼ е возможно, дека во животот поважни се суштинските задачи и дека само една вистинска одлука те дели од успехот. Секој пат, надвор од твојата конфорна зона носи нова реалност! Вреди да се проба и да се живее со секоја одлука. И доколку Ви треба менторска помош Ви стојам на располагање!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *