April 19, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Децата како цел: критики за масовното производство на AI видеа на YouTube

YouTube се соочува со зголемен притисок од експерти за детски развој и организации за заштита на деца, кои бараат забрана за прикажување и препорачување на видеа создадени со вештачка интелигенција на платформите YouTube и YouTube Kids.

Повеќе од 200 специјалисти, здруженија и образовни институции испратија писмо до извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, и до првиот човек на YouTube, Нил Мохан, во кое предупредуваат дека дел од содржините генерирани со вештачка интелигенција, иако се претставуваат како едукативни, немаат вистинска вредност и квалитет. Тие укажуваат на растечки тренд на масовно производство на вакви видеа, чија главна цел е профит од најмладата публика.

Според нив, ваквата содржина, често нарекувана „AI слоп“, може негативно да влијае врз вниманието на децата и нивната способност да разликуваат реалност од фикција. Дополнително, се истакнува дека прекумерното време пред екран ги заменува активностите што се клучни за социјалниот и емоционалниот развој.

Меѓу потписниците на писмото е и социјалниот психолог Џонатан Хајдт, автор на книгата „The Anxious Generation“, како и организации како Fairplay и National Alliance to Advance Adolescent Health. Тие предупредуваат дека платформата, со промовирање на ваква содржина без доволно истражувања за нејзините ефекти, учествува во неконтролиран експеримент врз децата.

Иако YouTube веќе бара означување на содржините создадени со вештачка интелигенција и тврди дека ги санкционира неквалитетните и спам видеа, критичарите сметаат дека ваквите мерки не се доволни, особено затоа што малите деца не можат да ги разберат тие ознаки.

Во меѓувреме, популарноста на AI-видеата за деца расте, делумно поради тоа што нивното создавање е значително поевтино и побрзо, што привлекува нови креатори и бизнис модели насочени кон најмладата публика.

Дополнителна контроверзија предизвика и неодамнешната инвестиција на Гугл во студио за AI анимација фокусирано на детска содржина, што според критичарите е во спротивност со препораките децата, особено најмалите, да имаат ограничено време пред екран.

Случајот доаѓа во период кога технолошките компании се под зголемен надзор, откако судска одлука во САД ги прогласи Гугл и Мета за одговорни за штетите предизвикани врз млад корисник преку дизајнот на нивните платформи. Ова дополнително го засилува притисокот за промени во начинот на функционирање на алгоритмите и управувањето со содржините на социјалните мрежи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.