Бум на секундарниот пазар: „Пепси“ Ролекс експлодира по најавата за повлекување
Челичниот модел ГМТ-МАСТЕР II на „Ролекс“ со црвено-синиот „Пепси“ ротирачки оквир доживува ненадеен бум на секундарниот пазар, откако се појавија шпекулации дека моделот ќе биде повлечен од производство. Побарувачката за овој популарен часовник се зголеми за повеќе од 500 проценти во споредба со просечните нивоа од 2025 година, според податоците на пазарната платформа, што ја прави оваа година особено значајна за колекционерите и инвеститорите.
Шпекулациите околу „Пепси“ се засилени во пресрет на саемот „Вочис енд Вондерс“ во Женева, кој ќе се одржи во април и ќе собере повеќе од 60 брендови и колекционери од целиот свет. Очекувањата се дека Ролекс може да претстави важни новитети или да ги потврди информациите за повлекувањето на моделот, што дополнително го поттикнува интересот на пазарот.
Експертите за луксузни часовници велат дека перцепцијата за недостиг директно влијае на цените на секундарниот пазар. Кога станува збор за ограничени модели на Ролекс, како што е „Пепси“, купувачите и колекционерите се подготвени да платат значително повеќе за да обезбедат сопствен примерок, со оглед на потенцијалната реткост во иднина.
Со оглед на ентузијазмот што се создава околу моделот, цените на вторичниот пазар бележат експлозивен раст, а многумина сметаат дека инвестицијата во овој часовник не е само статусен симбол, туку и можност за финансиска добивка во време кога ограничените луксузни модели на Ролекс се меѓу најбараните колекционерски предмети во светот.