Швајцарската фармацевтска компанија Novartis постигна договор за купување на кандидат за лек против рак на дојка од американската биотехнолошка фирма Synnovation Therapeutics, во вредност до 3 милијарди долари, со што ја засилува својата линија на таргетирани терапии против рак. Според договорот, Novartis ќе исплати 2 милијарди долари веднаш, додека останатите до 1 милијарда долари ќе бидат зависни од идни развојни достигнувања.

Експерименталниот лек SNV4818 припаѓа на класа на селективни PI3Kα инхибитори, нов пристап за третман на тип на рак на дојка познат како HR позитивен/HER2 негативен, но има потенцијал да се користи и за други солидни тумори. Лекот се наоѓа во рани фази на клинички испитувања и веќе покажал охрабрувачки резултати против туморски клетки во лабораториски студии.

Специфично, SNV4818 таргетира само мутирана форма на ензимот PI3Kα, кој често се нарушува во случаите на рак, додека го штити нормалниот ензим присутен во здравите клетки. На тој начин, Novartis се надева дека ќе ги избегне несаканите ефекти поврзани со постоечките PI3Kα инхибитори.

„Иако мутираниот PI3Kα е добро познат фактор кој поттикнува HR+/HER2- рак на дојка, сепак останува предизвик да се постигне ефикасно инхибирање на патеката со терапевтски профил кој е поднослив за пациентите“, изјави Шрирам Арадј, главен медицински директор на Novartis. Со ова купување, компанијата ја проширува својата растечка линија на таргетирани терапии, која веќе вклучува радиолигандни кандидати за третман на рак.

Oваа аквизиција ја потврдува стратешката насока на Novartis да инвестира во нови и поефикасни терапии кои таргетираат специфични биолошки патеки, со цел да се подобрат резултатите и квалитетот на животот на пациентите со рак.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *