Кинескиот технолошки гигант Alibaba Group претстави нова мобилна апликација која им овозможува на корисниците лесно да го инсталираат и користат системот за агентска вештачка интелигенција OpenClaw. Апликацијата, наречена „JVS Claw“, им овозможува на корисниците на iOS и Android уреди, дури и без програмерско искуство, за само неколку минути да постават AI агенти кои можат да извршуваат едноставни задачи од секојдневието. Услугата е бесплатна во првите 14 дена, по што корисниците ќе треба да изберат платена опција за користење.

Лансирањето на оваа апликација доаѓа во момент кога се засилува конкуренцијата меѓу најголемите кинески технолошки компании во трката за развој на агентска вештачка интелигенција. Претходно оваа недела, Baidu објави сопствена Android апликација за OpenClaw, која овозможува автоматизирано извршување задачи како онлајн купување или резервирање патувања. Покрај нив, во развојот на вакви услуги се вклучени и компании како Tencent и MiniMax, кои се обидуваат да го искористат брзо растечкиот интерес за ваков тип на технологија.

Во Кина се појави и популарен тренд наречен „одгледување јастози“, инспириран од маскотата на OpenClaw, при што студенти, пензионери и технолошки ентузијасти експериментираат со AI агенти кои можат самостојно да извршуваат задачи. Овој феномен предизвика и значителен интерес кај инвеститорите, кои очекуваат дека масовната употреба на ваквите услуги може да ја забрза комерцијализацијата на вештачката интелигенција. Широката употреба би значела и зголемена побарувачка за таканаречени AI „токени“, дигитални ресурси потребни за функционирање на овие системи.

Реакцијата на властите во Кина е поделена. Неколку локални власти веќе воведоа програми за поддршка на развојот на технологијата OpenClaw, вклучувајќи субвенции вредни милиони јуани. Истовремено, централните власти воведоа ограничувања за користење на вакви апликации во државни институции и државни компании поради можни безбедносни ризици.

Експертите предупредуваат дека агентската вештачка интелигенција, за да биде навистина корисна, мора да има пристап до голем број кориснички податоци и апликации. Токму затоа ваквите системи може да станат потенцијална цел за сајбер напади или злоупотреба на податоци, што ја прави безбедноста клучно прашање во нивниот понатамошен развој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *