Nvidia и Thinking Machines Lab склучија партнерство за развој на напредна вештачка интелигенција
Компанијата Nvidia најави нова инвестиција во стартапот за вештачка интелигенција Thinking Machines Lab, основан од поранешната извршна директорка на OpenAI, Mira Murati. Како дел од соработката, Nvidia ќе обезбеди и напредни чипови кои ќе се користат за обука и функционирање на моделите за вештачка интелигенција на стартапот.
Според заедничкото соопштение на двете компании, Thinking Machines ќе ги користи новите AI акцелератори од генерацијата Vera Rubin, кои Nvidia планира да ги пушти во употреба во наредниот период. Чиповите треба да бидат инсталирани на почетокот на следната година и ќе обезбедат компјутерска моќ еквивалентна на најмалку еден гигават енергија, што приближно одговара на потрошувачката на струја на околу 750.000 домаќинства.
Од Nvidia не открија финансиски детали за договорот, ниту дали инвестицијата ќе биде во форма на директен капитал, технолошка опрема или комбинација од двете. Сепак, компаниите ја опишаа соработката како значајна и долгорочна. Претставници на Thinking Machines не дадоа дополнителни детали, додека од Nvidia не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Овој договор е дел од пошироката стратегија на Nvidia, која во последниот период склучува бројни инвестиции и партнерства во областа на вештачката интелигенција. Компанијата, предводена од извршниот директор Jensen Huang, активно ги користи своите ресурси за да го забрза развојот и примената на AI технологијата во различни индустрии. Според Хуанг, Thinking Machines има врвен тим и амбициозна визија за иднината на вештачката интелигенција, поради што партнерството се смета за важен чекор во понатамошниот развој на технологијата.
Стартапот Thinking Machines веќе привлече големо внимание во технолошката индустрија. Минатата година компанијата водеше разговори за нов круг на финансирање со проценета вредност од околу 50 милијарди долари. Тоа би претставувало значително зголемување во однос на јули, кога стартапот собра 2 милијарди долари инвестиции со проценка од 12 милијарди долари.
Под водство на Мира Мурати, која претходно ја извршуваше функцијата главен технолошки директор во OpenAI, Thinking Machines ангажираше десетици експерти од компанијата зад ChatGPT. Во октомври стартапот го претстави и својот прв производ наречен Tinker, услуга што им овозможува на корисниците да ги прилагодуваат и подобруваат големите јазични модели, технологија која стои зад модерните чат-ботови.
Во последниот период, сепак, дел од вработените на Thinking Machines повторно преминаа во OpenAI, меѓу кои и главниот технолошки директор на компанијата. И покрај тоа, новото партнерство со Nvidia се смета за силен сигнал дека стартапот продолжува да гради амбициозна платформа за развој на напредни AI системи.