Airbnb го ангажира Гас Фулднер од Uber за нов директор за операции
Компанијата Airbnb назначи нов глобален директор за операции, а на функцијата доаѓа долгогодишниот извршен директор од Uber, Гас Фулднер. Овој потег се случува во период кога компанијата го проширува својот бизнис и се обидува да се позиционира како поширока платформа за патувања, а не само како сервис за изнајмување сместување.
Главниот извршен директор на Airbnb, Брајан Чески, во порака до вработените соопшти дека Фулднер официјално ќе се приклучи на компанијата на 16 март. Тој доаѓа на местото на Тара Банч, која по шест години во компанијата одлучила да се повлече од функцијата. Банч му се приклучи на Airbnb по долгогодишна кариера во Apple и одигра значајна улога во водењето на операциите во периодот на пандемијата, кога туристичката индустрија се соочи со сериозни предизвици.
Според информациите од компанијата, Банч ќе остане дел од Airbnb до јуни како советник со цел да помогне во непречена транзиција и пренос на одговорностите на новиот раководител.
Чески во своето обраќање истакнал дека разговорите за промената на раководната позиција траеле подолго време и дека немало строго утврден рок за тоа кога ќе се случи смената. Сепак, како што посочил, раководството било подготвено да реагира во моментот кога ќе се појави соодветен кандидат за функцијата.
Назначувањето на Фулднер е уште еден важен чекор во серијата кадровски промени што Чески ги прави оваа година. Целта е дополнително трансформирање на Airbnb во сеопфатна платформа за туристички услуги. На почетокот на годината компанијата го назначи и Ахмад Ал-Дахле, поранешен извршен директор од Meta, за нов главен технолошки директор, што сигнализира дека компанијата планира да интегрира повеќе функции базирани на вештачка интелигенција во својата апликација.
Улогата што ќе ја преземе Фулднер денес е значително поразлична од онаа што ја имаше неговата претходничка на почетокот на пандемијата. Во меѓувреме Airbnb го прошири својот спектар на услуги и покрај сместувањето, корисниците можат да резервираат и различни активности и услуги за време на патувањето. Платформата нуди организирани тури, туристички водичи, лични готвачи, фитнес тренери, масери, шминкери и фризери, што дополнително ја усложнува оперативната структура на компанијата.
Фулднер последно ја извршуваше функцијата виш потпретседател за основни услуги во Uber, каде што раководеше со клучни сегменти како безбедноста, корисничката поддршка, системите за плаќање, осигурувањето и управувањето со идентитетот на корисниците. Во Airbnb ќе биде задолжен за слични оперативни области, со исклучок на секторот за плаќања, кој од 2023 година го води коосновачот и главен стратегиски директор на компанијата, Нејтан Блечарчик.
Во рамки на понатамошното проширување на услугите, Airbnb планира и тестирање на нови понуди во текот на годината. Меѓу нив е пилот-проект во соработка со Instacart за обезбедување услуга за снабдување со намирници пред пристигнувањето на гостите, како и нов сервис за превоз од аеродром. Овие планови беа накратко спомнати од Чески и за време на неодамнешната презентација на финансиските резултати на компанијата.