April 22, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Скокот на нафтата и инфлациските стравувања ја притискаат цената на златото

Цената на златото забележа пад на почетокот на новата трговска недела под притисок на зајакнатиот американски долар и растечките инфлациски стравувања, додека конфликтот на Блискиот Исток продолжува да создава нестабилност на глобалните пазари. Истовремено, цената на нафтата се искачи над 100 долари за барел, што дополнително ја зголеми неизвесноста кај инвеститорите.

Во раното тргување, златото се спушти на околу 5.120 долари за унца, откако минатата недела го забележа првиот неделен пад по повеќе од еден месец раст. Пазарите се под силно влијание на настаните на Блискиот Исток, каде што војната меѓу САД, Израел и Иран не покажува знаци на брзо смирување. Во исто време, неколку големи производители на нафта го намалија производството, што придонесе цените на енергенсите дополнително да се зголемат. Паралелно со тоа, индексот на американскиот долар порасна за околу 0,4 проценти.

Порастот на цените на нафтата ја засили загриженоста за можен нов инфлациски притисок во САД. Економистите предупредуваат дека ваквата ситуација може да ја поттикне Федералните резерви да ги задржат каматните стапки на високо ниво подолг период или дури повторно да ги зголемат. Повисоките каматни стапки и посилниот долар вообичаено имаат негативно влијание врз цената на благородните метали, бидејќи ја намалуваат нивната привлечност за инвеститорите.

Во исто време, дел од инвеститорите го користеа златото како извор на ликвидност во услови на пад на глобалните берзи. Продажбата на благородниот метал се појави како начин за покривање на загубите на другите пазари, што дополнително придонесе за неговото краткорочно слабеење.

И покрај моменталниот пад и нестабилното тргување, златото и понатаму бележи значителен раст од почетокот на годината. Неговата вредност е зголемена за речиси 20 проценти, поттикната од геополитичките тензии и неизвесноста во светската економија. Политиките на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на глобалната трговија и геополитиката, како и неговите критики кон независноста на Федералните резерви, дополнително ја зголемија побарувачката за сигурни инвестициски средства.

Воените судири на Блискиот Исток влегоа во десеттиот ден, а ситуацијата и натаму останува напната. Во текот на викендот Иран назначи нов врховен лидер и продолжи со нападите во регионот на Персискиот Залив, додека Израел изврши напади врз складишта за гориво во Техеран и се закани со напади врз иранската електроенергетска мрежа. Дополнителен притисок врз енергетските пазари создадоа и нападите врз нафтената инфраструктура, како и прекинот на транспортот низ Ормускиот Теснец, клучна рута низ која вообичаено минува околу една петтина од светската трговија со нафта.

Покрај златото, пад на цените забележаа и други благородни метали. Среброто се намали за околу 1,6 проценти, додека платината изгуби повеќе од три проценти од својата вредност. Пад беше забележан и кај паладиумот, кој ослабе за речиси еден процент. Во меѓувреме, индексот што ја мери вредноста на американскиот долар во однос на другите главни валути порасна за 0,4 проценти, надоврзувајќи се на растот од 1,3 проценти забележан во текот на претходната недела.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.