April 21, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Криптопазарите под притисок по ескалацијата меѓу САД, Израел и Иран

Ескалацијата на тензиите меѓу САД, Израел и Иран предизвика силни потреси на криптопазарот, при што инвеститорите викендов масовно бараа заштита преку 24-часовни трговски инструменти. Во фокусот се најде криптоберзата Hyperliquid, која вообичаено е позната по тргување со дигитални средства, но сега стана центар и за деривати поврзани со нафта, злато и сребро.

Перпетуалните фјучерси, договори без рок на истекување што овозможуваат тргување со потпора во секое време, забележаа нагло зголемување. Договорите поврзани со нафта пораснаа за повеќе од шест проценти, додека оние за злато и особено за сребро скокнаа уште повеќе. Само кај среброто, обемот на тргување надмина 400 милиони долари во рок од 24 часа, што укажува на силна побарувачка за засолниште во услови на неизвесност. Пад беше регистриран кај индексите поврзани со американските акции, кои на платформата изгубија меѓу еден и два проценти.

Во исто време, криптовалутите претрпеа остар пад. Биткоин се намали за речиси четири проценти пред делумно да се стабилизира, додека Етер забележа уште подлабок минус. Според податоци на CoinGecko, од вкупната пазарна вредност на дигиталните средства беа избришани околу 128 милијарди долари непосредно по вестите за нападите и одмаздничките акции.

Аналитичарите посочуваат дека фактот што Биткоин се тргува 24 часа на ден го прави една од ретките ликвидни алатки достапни во моменти кога традиционалните пазари се затворени. Џејк Островскис од Wintermute оцени дека токму оваа постојана достапност го претвора во индикатор за поширокото ниво на ризик на глобалните пазари. Според него, растечката потреба од непрекинато откривање на цени покажува дека финансискиот систем се движи кон модел на тргување без паузи.

Hyperliquid во последните години значително ја прошири понудата, овозможувајќи креирање перпетуални договори поврзани не само со крипто-токени, туку и со стоки и акции. Овој модел станува сè попривлечен за инвеститорите кои сакаат брзо да реагираат на геополитички случувања надвор од редовното работно време на берзите.

Паралелно, големите финансиски институции го забрзуваат процесот на токенизација на традиционалните средства, како обврзници и акции, преку блокчејн-технологија. Овој тренд отвора простор за пошироко воведување 24-часовно тргување и надвор од крипто-светот, што би можело трајно да ја промени динамиката на глобалните пазари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.