Цената на нафтата достигна највисоко ниво во последните шест месеци, поттикната од растечките геополитички тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран има најмногу 10 до 15 дена за да постигне договор за својата нуклеарна програма. Сортата Брент се искачи кон 72 долари за барел, што претставува раст од околу шест проценти оваа недела, додека американската сурова нафта се движеше околу 67 долари. Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога САД распоредуваат значително воено присуство на Блискиот Исток, што дополнително ги засили стравувањата од евентуален конфликт и нарушување на глобалните енергетски испораки. Според извештај на The Wall Street Journal, Белата куќа разгледува различни сценарија – од ограничен напад со цел да се засили притисокот врз Техеран, до поширока воена операција. Масовното распоредување сили се оценува како најголемо во регионот од 2003 година, во периодот пред инвазијата на Ирак. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека станува збор за стратегија на засилен притисок, а не за непосредна воена акција. Тоа го оцени и Роберт Рени од Westpac Banking Corp, кој посочи дека моменталните потези повеќе личат на обид за принудување на дипломатски отстапки. Иран, членка на ОПЕК, произведува повеќе од три милиони барели нафта дневно, што претставува околу три проценти од глобалното производство, а најголемиот дел од извозот оди кон Кина. Но, најголемата грижа на пазарите не е само производството, туку можноста Техеран да го блокира Ормутскиот теснец – клучна поморска рута низ Персискиот Залив преку која минува значителен дел од светските енергетски испораки. Од почетокот на годината нафтата поскапе за околу една шестина, бидејќи трговците сè повеќе ги вградуваат во цените ризиците од нестабилност во регионот, кои ги засенија претходните очекувања за раст на понудата на крајот од 2025 година. Подолготрајна воена кампања би можела дополнително да ги турне цените нагоре, што директно би се одразило врз цените на горивата и би можело да стане политички чувствително прашање во пресрет на изборните циклуси во САД. Во меѓувреме, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди дека времето за дипломатско решение се стеснува. Агенцијата веќе разговара со Техеран за конкретни предлози поврзани со инспекции на локациите кои беа цел на напади минатата година. Пазарните сигнали дополнително укажуваат на растечка нервоза. Разликата во цените на фјучерс договорите за Брент се продлабочи во т.н. „беквордација“, што укажува на очекувања за поограничена понуда на краток рок. Опциските пазари исто така покажуваат засилени очекувања за натамошен раст на цените. Дополнителен поттик за поскапувањето даде и падот на американските залихи на сурова нафта за девет милиони барели – најголемото намалување од почетокот на септември – според податоците на Управата за енергетски информации на САД. Пад бележат и резервите на нафтени деривати, што дополнително ја засилува перцепцијата за затегнат пазар. Сето ова ја остава глобалната нафтена сцена во чувствителна рамнотежа, каде што геополитиката, дипломатијата и пазарната психологија се испреплетуваат повеќе од кога било. Post navigation Модерни икони како Hello Kitty, Мару и Тама ја продолжуваат културната доминација на мачките Кога светот се плаши, златото расте – нов бран на инвеститорска паника