Во разговор за CarSales, првиот човек на одделот BMW M, Frank van Meel, откри дека компанијата подготвува офанзива со дури 30 нови модели во следните две и пол години. Во оваа бројка влегуваат и чистите M изведби и M Performance варијантите, што значи дека понудата ќе биде значително проширена на повеќе фронтови. Покрај освежените M5 и M5 Touring, во подготовка се и новите генерации на M3 и iX3 M. Паралелно се работи и на редизајнирани изданија на X5, X6 и X7, кои исто така ќе добијат M и M Performance верзии. Во план е и проширување на M Performance понудата кај обновената Серија 7. Според ван Мил, електрифицираните модели како i4 M60 бележат силен интерес на пазари каде високите даноци за CO2 ги прават класичните спортски бензинци значително поскапи. Како пример ја посочи Франција, каде што за M2 со мотор со внатрешно согорување се плаќа данок од околу 18.000 евра. Кога станува збор за идниот електричен i3 M, одговорот на пазарот сè уште е неизвесен, но од BMW веруваат дека токму овој модел ќе ја донесе технологијата што љубителите на перформанси ја очекуваат од еден електричен автомобил со M значка. Иако електрификацијата зема замав, BMW не се откажува веднаш од традицијата на шест- и осумцилиндрични мотори, имајќи предвид дека ширум светот постои силна база на ентузијасти, како и пазари каде инфраструктурата за полнење сè уште не е доволно развиена. Сепак, рачните менувачи веројатно се со ограничен рок на траење. Според ван Мил, од инженерска перспектива тие носат ограничувања во однос на вртежниот момент и ефикасноста, а и побарувачката е сè помала, што ги прави идните инвестиции во нови рачни менувачи малку веројатни. Тоа значи дека во наредните неколку години сè уште ќе има BMW модели со рачен менувач, но на подолг рок нивното место во понудата станува сè понеизвесно. Post navigation Tesla, Inc. го произведе првиот Cybercab во Gigafactory Texas – цел под 30.000 долари до 2027 Трамп со „целосна поддршка“ за Орбан пред клучните избори во Унгарија