Турската државна енергетска компанија Туркије Петролери (ТПАО) постигна договор за соработка со енергетскиот гигант Шел за истражување на природен гас во водите на Бугарија. Според турското Министерство за енергетика, партнерството се однесува на блокот Кан Тервел во ексклузивната економска зона на Бугарија, во близина на гасното поле Сакарја, а концесијата за истражување ќе трае пет години. Турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар оцени дека станува збор за значаен чекор кон проширување на регионалната енергетска соработка. Интересот за нови гасни ресурси во регионот расте, особено по откритието на големото поле Сакарја во Црното Море во 2020 година, кое претставува најзначајното турско наоѓалиште на гас досега. Производството започна во 2023 година, а врвот на експлоатацијата се очекува околу 2028 година. Паралелно со тоа, ТПАО планира дополнителни истражувачки активности и дупчење нови бунари во морските сливови во наредните години. Анкара во последниот период забрзано ја шири соработката со водечките светски енергетски компании, па од почетокот на годината склучи договори и со ЕксонМобил, Шеврон и БП за можни заеднички истражувања во Црното Море и Медитеранот. Покрај активностите во Европа, Турција ја проширува енергетската дипломатија и во Африка. За време на посетата на претседателот Таип Ердоган на Адис Абеба, беше постигнат договор за енергетска соработка со Етиопија. Турскиот министер Бајрактар и неговиот етиопски колега Хабтаму Итефа потпишаа меморандум за развој на заеднички проекти во електроенергетиката, обновливите извори и енергетската ефикасност, објави Анадолу. Планираната соработка меѓу Анкара и Адис Абеба опфаќа и производство и инсталација на опрема за хидроцентрали и електрични турбини, што дополнително ја потврдува амбицијата на Турција да ја зајакне својата улога како регионален и глобален енергетски играч. Post navigation PlayStation 6 можеби нема да пристигне пред 2029 година Пазарите нервозни – секој сигнал за ескалација ја поскапува нафтата