Цената на златото падна под психолошката граница од 5.000 долари за унца, откако инвеститорите почнаа да ги реализираат профитите по силниот раст во претходната трговска сесија, поттикнат од умерените податоци за инфлацијата во САД.

Вредноста на благородниот метал се намали за дури 1,5 проценти, откако во петокот порасна за 2,4 проценти. Причина за растот беше умереното зголемување на индексот на потрошувачки цени во САД, што ги намали стравувањата од посилен инфлаторен притисок. Ова дополнително ја зајакна веројатноста дека Федералнире резерви би можеле да ги намалат каматните стапки, што е позитивно за златото, бидејќи како средство не носи камата.

Според Дилин Ву, стратег во Pepperstone Group Ltd., пазарот моментално се наоѓа во фаза на ребалансирање меѓу купувачите и продавачите, без јасни фактори што би можеле да предизвикаат силен ценовен пробив. Таа посочува дека повеќекратните обиди да се надмине нивото од 5.100 долари не успеале, бидејќи инвеститорите почнале да продаваат за да ги заклучат профитите, што создава дополнителен притисок врз цената.

Ликвидноста на азиските пазари е намалена оваа недела бидејќи финансиските пазари во Кина се затворени поради празнувањето на Лунарната Нова година. Во изминатите месеци побарувачката за злато таму беше исклучително силна, што ги натера властите да издадат предупредување за нелегални активности поврзани со тргување со злато, вклучувајќи апликации со финансиска полуга и онлајн стримови што промовираат продажба на благородни метали.

Златото достигна историски максимум над 5.595 долари за унца кон крајот на јануари, поттикнато од силен бран на шпекулативно купување. Но, остар пад на почетокот на месецот ја намали цената речиси до 4.400 долари. Оттогаш металот успеа да врати околу половина од загубите во услови на нестабилно тргување.

Хебе Чен, аналитичарка во Vantage Markets, оценува дека последните движења претставуваат уредна консолидација и умерено прибирање профит по растот над 5.000 долари.

И покрај краткорочниот пад, голем број банки очекуваат продолжување на растечкиот тренд. Геополитичките тензии, неизвесноста околу независноста на монетарната политика во САД и постепеното оддалечување од традиционалните финансиски средства како валути и државни обврзници и понатаму го поддржуваат интересот за златото.

ANZ Group Holdings Ltd. прогнозира дека цената на златото може да достигне 5.800 долари за унца во вториот квартал, придружувајќи се на низа финансиски институции со слични очекувања.

Аналитичарите оценуваат дека златото и понатаму покажува силна отпорност, со стабилна макроекономска поддршка и технички фактори што го одржуваат долгорочниот позитивен тренд.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *