Во светот на економските конференции и инвестициски семинари, логиката на овие настани изгледа едноставна – тие треба да бидат алатка за вистински развој, место каде што младите претприемачи и амбициозни професионалци добиваат знаење, поврзување со ментори и пристап до капитал. Во теорија, тоа е свет во кој секој учесник излегува посилен, поподготвен и со реални можности за напредок. Но реалноста е нешто сосема друго. Поголемиот дел од овие настани се спектакли за самореклама и маркетинг со висок ценовник, каде што вниманието е насочено кон тоа кој е на сцената, колку слики се објавени на Инстаграм, и колку спонзорски логоа се видливи на сликите. Наместо вистинска поддршка и конкретни резултати, учесниците добиваат сјајни брошури, краткотрајна мотивација и аплауз кој исчезнува веднаш по последната сесија.

Да бидеме искрени – знаењето што се продава на овие настани често е театар. Викендов во Скопје имаше два такви настани, и тоа само еден мал пример од долгата низа на слични настани во последните месеци. На нив, зборувањето за лидерство, финансиска писменост и претприемачки дух е секогаш присутно, но кога ќе се погледне под површината, станува јасно дека реалната цел не е развој на учесниците, туку промоција на самиот настан и на брендот што го организира. Секој презентациски простор, секој плакат и секоја фотка на социјалните медиуми е дизајнирана да покаже дека „ние сме тука, ние сме големи, ние сме влијателни“. А учесниците? Тие се статистика која се користи за маркетинг во следната година.

Маркетингот е скап, а цената на овие настани е скапата страна на спектаклот. Учеството се плаќа, често со илјадници евра, за „ексклузивен пристап“ до говорници кои во многу случаи никогаш нема да обезбедат реална поддршка или врски. Настаните се претставуваат како двигатели на развој, но ретко ќе се најдат конкретни бројки за тоа колку инвестиции навистина се реализирани. Успехот се мери со бројот на учесници, со присуство на јавноста и со одржан настан, а не со тоа дали некој всушност ја добил потребната експертиза, капитал или менторство за да реализира своја идеја.

Иронијата е очигледна. Секој учесник е поканет да верува дека го „доживува искуството на животот“, додека организацијата зад настанот смета дека успеала ако можела да продаде уште неколку скапи билети, да ги собере новите спонзорства и да направи визуелно впечаток на социјалните мрежи. Знаењето што се нуди е често површно и генерализирано, предавањата се повторуваат од година во година, а презентациите се полни со мотивациски слики и аплауз кој не создава никакви резултати во реалниот свет.

Точно е, учесниците заминуваат со „инспирација“ и со сета таа мотивација што ги прави да се чувствуваат дека се на вистински пат. Но кога ќе се свртиме кон реалноста, повеќето од нив остануваат без пристап до капитал, без долгорочно менторство и без вистински можности за да ги применат научените лекции. Тоа што останува е чувство на исполнетост во моментот, но со празни раце кога ќе се вратат во реалниот свет. И тогаш доаѓа она што никој не го кажува: целата таа „мотивација“ беше само спектакл, ефектен маркетинг кој функционира кратко и скапо.

Дел од проблемот е што овие настани функционираат како машина за самореклама. Фондовите и организациите што ги организираат се претставуваат како „поттикнувачи на развој“, но нивната работа често се сведува на тоа да се одржат настани, да се направат импресивни фотографии и да се обезбеди добро публицитет. Прашувам – колку од овие организации можат да покажат реални бројки за инвестиции, успешни стартапи или реални промени кај учесниците? Ретко кој. Наместо тоа, тие сакаат да се пофалат дека „проширија мрежа на учесници“ или „организираа настан со 500 гости“. Овој феномен е класичен пример за тоа како мотивацијата се претвора во театрална аплаузна економија.

Еден друг аспект е илузијата за лидерство и претприемнички дух. На сцената, говорниците зборуваат за стратегии, иновации и успешни приказни, но кога учесниците ќе се обидат да ги применат тие концепти, откриваат дека реалниот свет е многу поразличен од она што им било презентирано. Честопати, тие остануваат без конкретни алатки, без менторство и без капацитет да ги реализираат своите идеи. Иронијата е во тоа што настанот создава чувство на акција и напредок, додека во реалноста, сè што добивате е билет за скап маркетинг-шоу.

Проблемот не е само на површината на организацискиот маркетинг – тоа е и личен и културен. Младите професионалци, кои се надеваат на вистинска поддршка, учат од примерот на овие организации. Ако видат дека непочитувањето на реалните потреби на учесниците е нормално, тие ќе ја повторуваат истата практика. Со тоа се руши професионалниот кодекс и се создава токсична култура во која спектаклот е поважен од реалниот развој. Тоа е културен сигнал дека во деловниот и економскиот свет се вреднуваат повеќе фотографиите, аплаузите и билбордите, отколку вистинските резултати и знаењето.

Моето искуство во таквите настани е едноставно – секогаш гледам сјајна фасада и ефектен маркетинг, но кога ќе се вратам дома, реалниот резултат е празен. И тоа не е само лично чувство, тоа е структурен проблем. Настаните што треба да бидат платформа за развој, често се претвораат во спектакл што им служи на организаторите, а не на учесниците. И додека ги набљудуваме овие „развојни форуми“, ние треба да се прашаме дали знаењето се дава за вистински напредок или само за скап маркетинг.

Решението е едноставно, но ретко се применува. Фондовите и организациите треба да се преиспитаат и да го преориентираат својот фокус – од спектакл и маркетинг кон вистински развој на луѓето. Да обезбедат капитал, менторство и реални можности по завршувањето на настанот. Да се измери успехот не според сликите на социјалните медиуми, туку според резултатите на учесниците. Само така можеме да изградиме вистински развој, а не краткотрајна илузија за напредок.

Не треба да се дозволи спектаклот да стане културен стандард. Младите професионалци и претприемачи заслужуваат реална поддршка, а не ефектни фотки и аплауз. Иронијата на целиот систем е што најчесто сите се воодушевуваат додека сè што прават е да се покаже колку е скап маркетингот. Ако сакаме вистинска економска и претприемачка култура, мора да ја исчистиме сцената од празниот сјај и да започнеме да вложуваме во луѓето, а не во аплаузите.

Ангелов М.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *